Проф. д-р Ќиро Ивановски – Декан на Стоматолошкиот факултет

Проф. д-р Ќиро Ивановски е роден на 3 ноември 1960 год. во Железнец, Р. Македонија. Основно образование завршил во Р. Србија, а средно образование, гимназија, завршил во 1979 год. во Скопје. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1986 год. Во 1994 год. се здобил со звањето специјалист по болести на устата и пародонтот.

Во 1993 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранил магистерскиот труд под наслов ,,Имунолошки статус кај пациенти со рекурентен афтозен стоматит’’ и се стекнал со звањето магистер на стоматолошки науки. Во 2000 год., со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов ,,Етопатогенетскиот придонес на психолошкиот стрес во афекцијата на оралната мукозна мембрана’’, се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки.

Првото вработување на проф. д-р Ќиро Ивановски било во 1989 год., на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ООЗТ Стоматолошки клиники, а во 1992 год. бил избран за помлад асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Д-р Ивановски бил избран за асистент во 1995 год., а преизбран во истото звање во 1998. Во 2004 год. бил избран во звањето научен соработник, а во 2006, во звањето доцент. Изборот за вонреден проф. на д-р Ивановски бил извршен во 2009 година, а изборот за редовен професор во 2014 година.

Во двомесечен период, во 2001 год. бил на стручен престој од доменот на хируршкиот третман на пародонталната болест на Клиниката за пародонтологија и орална медицина при Стоматолошкиот факултет во Белград, кај проф. д-р Божидар Димитријевиќ.

Меѓу другите професионални и научни предизвици, проф. д-р Ивановски се вбројува меѓу професионалците кои се занимаваат со научни истражувања во терапијата на пародонталната болест. Во третманот на заболувањата од областа на оралната медицина, проф. д-р Ивановски го применува современиот холистички био-психо-социјален пристап. Но, она што најмногу го карактеризира проф. Ивановски е неговиот долгогодишен научен интерес за примена на биохемијата во стоматологијата. Имено, тој го воведе предметот Орална биохемија на Стоматолошкиот факултет. Неговиот домен на интерес е и се поголемото искористување на плунката како дијагностички медиум, не само за оралните заболувања туку и за општите, системски заболувања.

Бил потпретседател на Здружението на специјалисти по болести на устата и пародонтот, потпретседател на Македонското стоматолошко друштво и продекан за настава на Стоматолошкиот факултет во Скопје.

Автор или коавтор е на над 170 научни трудови и 9 учебници, учебни помагала и книги.