Континуирана едукација – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Континуираната едукација е дел од едукативниот процес низ кој поминува секој стоматолог кој активно се занимава со клиничка стоматологија. Овој дел од едукацијата е независен од додипломската, последипломската едукација и специјализацијата и опфаќа продлабочување на веќе добиените знаења и вештини и стекнување на нови од општото, но и од специјалистичкото стоматолошко образование.

Прв симпозиум ,,Научни достигнувања во стоматологијата” 1989 година

Семинарите, симпозиумите и курсевите имаат за цел да го запознаат колегата практичар со формите и моделите на работа во одредена област, да го обучат за изведување на поедноставни постапки и методи кои се новина во секојдневната стоматолошка пракса. Новините може да се однесуваат на примена на нов метод
во решавањето на одреден проблем, примена на нови материјали и технолигии во терапијата и дијагностиката, како и примена на нови концепти при дијагностика на ретки појави и заболувања.

За завршената форма на едукација, соодветно се издава документ, сертификат со одреден број на бодови одредени од Стоматолошката комора.

Потребата од постоење на континуирана едукација во рамките на настани кои ќе ги освежуваат и надополнуваат знаењата и вештините на колегите, Факултетот ја препозна уште во 1989 година кога беше организиран симпозиум под наслов „Научни
достигнувања во стоматологијата“. Подоцна, овој симпозиум прерасна во годишни тематски меѓународни семинари под наслов „Трансфер на наука“.

Едукативните содржини од семинарите се објавуваа во списанието Стоматолошка ревија која ја публикуваше Факултетот под уредништво на проф. д-р Александар Грчев.
Денешните постедукативни семинари кои ги изведува Стоматолошкиот факултет се тематски, интерактивни, со меѓународни гостувања на професори и стручњаци од конкретните области и се одржуваат еднаш во годината.

Промотивен материјал за настани од континуираната едукација

Актуелен раководител на Континуираната едукација на Стоматолошкиот факултет е д-р Марија Стевановиќ, редовен професор на Катедрата за детска и превентивна стоматологија.

Функционално-работната единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје е основана со Правилникот за внатрешни односи и работење на Стоматолошкиот факултет во Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје од 2009 година и има за цел да ги задоволи растечките потреби на здравствените работници од областа на стоматологијата за соодветна обука и усовршување во различни сфери од нивното работење.

Единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје  е динамична и институционализирана единица, посветена на организирање и реализација на современи, креативни, високо квалитетни и акредитирани облици на стручно усовршување со учество на лица избрани во наставно-научни и научни звања како и на лица кои професионално се занимаваат со стоматологијата и сродните научни дисциплини. Водечки начела во работењето се актуелизирање на научните и етички вредности и развивање на практични вештини во програмите за континуирана едукација.

Основни цели на функционално-работната единица за континуирана едукација се:

  • Популаризација и афирмација на идејата за континуирана едукација;
  • Поттикнување и реализација на различни облици на стручно усовршување кои ќе ги задоволат потребите на јавниот и приватниот сектор;
  • Oбезбедување на капацитети, опрема и референтен материјал за реализација на стручното усовршување;
  • Следење на квалитетот и користа од стручното усовршување;
  • Создавање “синергизам” во рамките на универзитетските единици и развој на стратегиjа за зголемување на “индивидуалниот придонес” на академските лица во стручното усовршување на заинтересираните лица и институции;
  • Воспоставување на интердисциплинарна академска, научна и стручна соработка со други институции во земјата и странство посветени на развој на програми за континуирана едукација;
  • Вклучување во интернационалниот систем за континуирана едукација на земјите – членки на Европската Унија и надвор од неа;
  • Воспоставување на соработка преку меѓународни проекти во областа на континуираната едукација.

Наставно-научниот совет на факултетот, на предлог на раководителот на функционално-работната единица за континуирана едукација, донесува програма за стручно и професионално усовршување и различни облици на неформално учење. За реализацијата на програмата е одговорен раководителот на единицата и Деканатската управа на факултетот.

Како предлагач може да се јави лице избрано во наставно-научно или научно звање  или општествено-афирмиран стручњак од одредена област или институција од јавниот и приватниот сектор.

Функционално-работната единица за континуирана едукација се обврзува да ја достави документацијата за акредитација на обликот и програмата за стручно усовршување до Стоматолошката комора на Македонија, доколку тоа го побара предлагачот или доколку за тоа одлучат органите на факултетот.

Цената на услугите кои ги дава функционално-работната единица за континуирана едукација ги утврдува Деканатската управа.

Образец за организирање на континуирана стоматолошка едукација можете да го симнете тука.

Пополнетиот образец доставете го до писарницата на факултетот или до раководителот за континуирана едукација, проф. д-р Марија Стевановиќ,  на следниот е-маил: mstevanovic@stomfak.ukim.edu.mk