Катедра за максилофацијална хирургија – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Историјат

Стоматологијата како дел од медицинските науки започнува да се изучува во Република Северна Македонија од 1952 година, како посебен предмет во рамките на медицинските студии. Првите часови по предметот стоматологија за студентите по медицина на Медицинскиот факултет ги одржал д-р Димитар Смилев во 1952 год., како управител на Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Првите почетоци биле на оваа Клиника поради тоа што била најблиска до медицинските науки и имала сопствена здравствена установа (клиника) во тогашната болница. Со тоа Клиниката станала почетна наставна база по предметот стоматологија за медицинари, кој е воведен во наставниот план на Медицинскиот факултет во учебната 1954/55 год. како факултативен предмет. Во 1956 год. се отворил Оддел за дисгнатии и ортопедија на вилици и заби (вродени и стекнати деформитети на лицето и вилиците). Со зголемувањето на казуистиката и проширувањето на дејноста, дејноста се преселила и проширила во просториите на Хируршката клиника и дошло до сукцесивно проширување на кадарот, составен од млади лекари и стоматолози.

Од 1959 год., со донесувањето на Законот за основање на Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, за наставна база на Одделот била користена Клиниката за усни, забни и вилични болести со три предмети: дентална (орална) хирургија, максилофацијална хирургија и ортопедија на вилици и заби. За прв наставник на трите предмети бил избран управителот на Клиниката, доц. д-р Смилев кој дотогаш ја изведувал теоретската и практичната настава по предметот стоматологија за медицинари. Наставната програма на предметот стоматологија опфаќала теоретски и прaктичен дел од сите области на стоматолошките студии. На Одделението за максилофацијална хирургија, во стеснети просторни услови, наставата се изведувала редовно, 11 години, и усогласена со програмите на другите стоматолошки факултети за медицинари во тогашна СФРЈ.

За потребите на практичната настава, од казуистиката на Клиниката, се изучувале: инфекции на меките ткива и коските на лицето и вилиците и дентогените компликации, цисти на вилиците и меките ткива, невралгии на тригеминалниот нерв, травматските повреди на меките ткива во максилофацијалната регија, скршеници и патолошки скршеници со изработка на шини и остеосинтези, бенигни и малигни тумори во максилофацијалната регија, заболувања на темпоромандибуларниот зглоб, претпротетичка хирургија, заболувања на максиларниот синус, парцијални остеотомии итн.

Кадровското усовршување на малиот и стручен тим на Клиниката се одвивало во повеќе центри надвор од државата (Дизелдорф, Бон, Хамбург) кај еминентни стручњаци, со цел проширување на дејноста и внесување новини во дијагностичките и терапевтските процедури.

Просторна и техничка опременост

Новите простории на Клиниката за максилофацијална хирургија се изградени во 1974 год. Денес, наставата, теоретска и практична, на Катедрата за максилофацијална хирургија се изведува во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хирургија на лице, вилици и врат – Максилофацијална хирургија, која од 2019 година го носи името на основоположникот на оваа специјалност во Република Северна Македонија, „Академик Илија Васков“. Клиниката која во моментов е во реконструкција, е сместена во двокатна зграда, со стационар од 16 болнички соби со 36 болнички кревети, амбуланта, операциона сала за интервенции во локална анестезија, оперативен блок со модерна операциона сала за интервенции во општа анестезија и оддел за интензивно лекување.

Развојниот пат на Катедрата по максилофацијална хирургија е во постојан подем благодарение на големиот ентузијазам и залагање на вработените за врвни дострели во наставно-едукативната, научната и здравствената дејност.

Наставно-научна и здравствена дејност

Tеоретската и практичната настава за студентите по стоматологија Катедрата ја изведува со четири наставни предмети (максилофацијална хирургија, анестезиологија со реанимација, урегентни состојби и третман на пациенти со ризик), со осум наставника од тие наставни предмети и еден асистент, според предвиден наставен план и програма. Воедно, на Катедрата се изведува и настава за специјализанти по максилофацијална хирургија, орална хирургија, ортодонција и за последипломски студии. Катедрата учествува и во едукацијата на сродни специјалистички кадри од областа на медицината и тоа во областите анестезиологија, трауматологија, оториноларингологија, офталмологија и други специјалности. Специјализацијата по максилофацијална хирургија за стоматолози, според сегашните критериуми, трае пет години. Во периодот од 1960 до 2018 година, на Катедрата специјализирале 53 доктори и се стекнале со звањето специјалисти по максилофацијална хирургија.

Теоретската настава се изведува во современо опремен амфитеатар. Максилофацијална хирургија е наставен предмет, самостоен, но во рамките на стоматолошките студии во петта и шеста година, а организиран е со теоретско и практично изучување на предметот.

Наставниот и помошно-наставниот кадар редовно ја следи стручната литература и современите достигнувања во максилофацијалната хирургија и зема учество со стручни трудови на конгреси, едукативни курсеви, симпозиуми и секции во земјата и во странство, давајќи го својот придонес во научно-стручна смисла. Со свои предавања, на Катедрата престојувале бројни еминентни стручњаци од странство.

Катедрата и Клиниката беа организатор и домаќин на Првиот и Вториот македонски конгрес за максилофацијална хирургија со интернационално учество, одржани во Охрид, во 2006 и 2014 година.

Кадрите на Катедрата по максилофацијална хирургија се членови на Здружението на максилофацијални хирурзи на Македонија, Европското здружение на краниомаксилофацијални хирурзи и на Лекарската и Стоматолошката комора на Македонија. Катедрата располага со наставен кадар што своето стручно усовршување го спровел во врвни стручни центри надвор од земјата: Љубљана (Словенија), Прага (Чешка), Стокхолм (Шведска), ВМА Белград (Србија), Најмехен (Холандија), Фрајбург (Германија), Гент (Белгија), Загреб (Хрватска) и Ливерпул (Велика Британија), кај еминентни стручњаци како проф. Томан, Мазанек и Фара, проф. Бенгт Шорлов, проф. Шкокљев и Цветиновиќ, Х.П. Фрајхофер, проф. В. Шили и Р. Шмелцхајзен, проф. Жајдела, проф. Веермеж. Стручните престои овозможија пренесување и размена на богатото клиничко искуство и научни достигнувања со цел стручно-научен просперитет на Катедрата во целост.

Исто така, во периодот од 2007 до 2014 година, во рамките на Европската асоцијација на краниомаксилофацијални хирурзи (ЕАСМРЅ), беше организиран Интернационален тренинг центар за орална и максилофацијална хирургија на кој беа одржани седум интернационални едукативни курсеви со предавања од странски предавачи – стручњаци од областа на максилофацијалната хирургија.

Наставниците на Катедрата се и носечки кадар во рамките на Здружението на максилофацијални хирурзи на Македонија во чии рамки се одржуваат редовни секциски состаноци и постедукативни семинари од областа на максилофацијалната хирургија.

Научноистражувачка и публицистичка дејност

Катедрата за максилофацијална хирургија се стреми кон подготовка на кадрите за исцрпна научноистражувачка работа и продлабочување на познавањата од областа на максилофацијалната хирургија. Таа е неделив дел од севкупната дејност на Катедрата. Научноистражувачката работа во периодот од 1989 до 2019 година резултира со голем број докторски дисертации и магистерски трудови.

Наставниот кадар на Катедрата за максилофацијална хирургија се раководители и соработници на повеќе научноистражувачки проекти изведени и целосно реализирани на Клиниката за максилофацијална хирургија и во соработка со други институции кои можат да се вклучат и да го дадат својот научен придонес во одредена проблематика. Во периодот од 1989 до 2009 год., одбранети се и објавени резултатите од шест научноистражувачки проекти. Проектите ја обработуваат проблематиката на конгениталните аномалии во лицево-виличната област, превентивно-хируршкото лекување на деформитетите во Република Северна Македонија, клиничко-лабораториските и имунолошките анализи на инфламациите во максилофацијалната регија, темпоромандибуларниот зглоб со дијагностика и терапија, проблематиката на паротидната дијагностика и третманот на траумите во максилофацијалната регија во Северна Македонија. Високите резултати од научноистражувачкиот проект реализиран во соработка со Рендген институтот и Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, го оформија постоперативниот дијагностички протокол за туморите на плунковните жлезди преку хистопатолошки и радиолошки критериуми.

Долгогодишното континуирано усовршување на наставниците од Катедрата за максилофацијална хирургија и неприкосновеното клиничко искуство е преточено во многубројни стручни и научни трудови објавени во нашата земја и во странски списанија. Ентузијазмот за поголеми дострели во научната сфера се гледа во нивната авторска и коавторска дејност преку издавање на повеќе од 10 учебници, два атласа, еден речник и пет монографии.

Наставно-научен, научен и соработнички кадар

Катедрата за максилофацијална хирургија ја сочинуваат следните лица избрани во звање и тоа:

проф. д-р Александар Грчев
проф. д-р Алберто Бенедети
проф. д-р Владимир Поповски
проф. д-р Даница Поповиќ Моневска
Проф. д-р Антонио Кирков
Проф. д-р Сузана Божовиќ
Доц. д-р Горан Панчевски
Асс. д-р Александар Илиев
Асс. д-р Санела Идоска