Катедра за болести на забите и ендодонтот

Историјат

Со почетокот на примена на законот со кој е формиран Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје, во учебната 1959/60 година, почна да се одвива и наставата по предметот дентална патологија (поранешен назив на предметот) на Институтот на кој се изведувала наставата по три предмети: дентална патологија, болести на устата и детска стоматологија, при што за одговорен наставник е назначен доц. д-р Иван Тавчиовски.

Во почетоците на факултетот, оваа Катедра беше именувана како Катедра за дентална патологија. Прв раководител на Катедрата за дентална патологија бил проф. д-р Иван Тавчиовски, кој што е основач и организатор на Катедрата. Проф. Тавчиовски бил и управник на Клиниката за забите и ендодонтот и истата ја извршувал до неговото пензионирање во 1988 година. Воедно, има и значајна улога на наставните програми и во формирањето на идниот наставен и стручен кадар. За реализација на практичната настава, во самите почетоци, задолжени биле асистентите д-р Невена Томчева и д-р Иван Минев, на кои во 1963 година им се придружила д-р Нада Цветковиќ.

Со проширувањето на студиските групи произлегла и потребата за вклучување на дополнителни наставно-научни кадри, па така, во 1965 година, во наставата се вклучиле д-р Ристо Рафајловски и д-р Јордан Стојаноски, а во 1968 година и д-р Мирослава Стевановиќ. Во 1972-та година, на асистентскиот кадар се приклучиле: д-р Љупка Димкова (Матовска) и д-р Славјанка Оџаклиевска.

Од година во година, Катедрата за дентална патологија бележеше постојан подем во наставната, научната и здравствената дејност, благодарение на зголемувањето на бројот на наставно-научниот кадар и неговата едуцираност и посветеност.

Како резултат на големите творечки напори, ентузијазам и несебичниот труд кој што го вклучуваа сите досегашни генерации, во изминатите децении, Катедрата за дентална патологија прерасна во препознатлив и респектабилен фактор во стоматолошката наука и практика во Република Македонија. Затоа, и генерациите кои остануваат, но и оние што доаѓаат, секогаш треба со пиетет да се сеќаваат на поединечните и заедничките напори на нивните претходници, кои нештедејќи се, успешно ги прифаќале предизвиците што ги налагало времето.

По пензионирањето на проф. Тавчиовски, функцијата раководител на Катедрата ја преземал проф. д-р Ристо Рафајловски. Од 1992 до 2005 година со Катедрата за болести на забите и ендодонтот раководеше раководеше проф. д-р Мирослава Стевановиќ. Во 2005 година, функцијата раководител на Катедрата ја презема проф. д-р Љупка Матовска. Од јануари до септември2013 функцијата вд шеф на катедра ја извршуваше проф. др Лидија Поповска. Од септември2013  до ноември 2017 год. со Катедрата за болести на забите и ендодонтот раководеше проф. д-р Соња Апостолска.

Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошки факултет – Скопје работи во состав на истоимената Клиника, која ја користи како наставна база. Сместена е на вториот кат од зградата на Универзитетскиот клинички центар ,,Св. Пантелејмон‘’ и располага со: две современо опремени клинички сали наменети за практична настава на студентите по дентална медицина, опремени со по десет работни единици. Исто така, составен дел на Катедрата се: рутинска сала со две работни места, кабинет за ласер – терапија и дополнителна просторија за стерилизација. За потребите на практичната претклиничка настава на студентите постои лабораторија опремена со десет најсовремени фантом – студио модели. Ваквата техничка опременост во потполност ги симулира клиничките услови и овозможува добри предуслови за првично стекнување на практичните вештини на студентите.

Наставно-научна и здравствена дејност

Со воведување на ЕКТС, од предметот болести на забите и ендодонтот за студентите по стоматологија, произлегоа предметите кариологија и ендодонција, кои се изучуваат како во претклиничкиот, така и во клиничкиот дел од студиите на Стоматолошкиот факултет. Наставата по предметите од оваа Катедра се изведува за студентите по дентална медицина, за специјализантите и за постдипломците. На Катедрата, исто така се одвива континуираниот едукативен процес за дипломираните стоматолози. Од 2002 година, на оваа Катедра, се изведуваат додипломски студии за стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри за следните предмети: детална патологија, реконструктивни дентални процедури, ергономија, дентална фармакологија и други.

Теоретската настава подразбира: предавања со интерактивна настава, подготовка и презентирање на одредена тематска единица од страна на студентите, изработка на семинарска тема и консултации. На предавањата студентите се запознаваат со проблематиките на предметите предвидени со студиските програми.

Практичната настава на Катедрата за болести на забите и ендодонтот е конципирана во претклинички и клинички вежби за време на кои студентот се стекнува со стручно и практично искуство. Студентите се едуцираат за практичниот начин на дијагностицирање и санирање на заболените тврди забни ткива, како и за принципите на современото ендодонтско лекување.

Паралелно со секојдневната додипломска наставна дејност и пружање на здравствени услуги, на Катедрата се одвива и постдипломска настава, како и едукативна програма за специјализанти од двете специјализации поврзани со оваа област – специјализација за реконструктивна дентална стоматологија и специјализација по ендодонција.

Наставен кадар на Катедрата

Во реализација на наставата учествуваат 3 професори, 1 доцент, 2 научни соработници и 1 асистент.

Раководител на катедрата – доц. д-р Василка Ренџова

 

Соња Апостолска Редовен професор
Лидија Поповска Редовен професор
Илијана Аџисанкова Муратовска Вонреден професор
Василка Ренџова Доцент
Павлина Алексова Научен соработник
Марина Ефтимоска Научен соработник
Весна Филиповска Асистент