Договори и меморандуми за соработка

Почетоците на меѓународната соработка на Стоматолошкиот факултет во Скопје несомнено е дека датираат од далечните шеесетти години на минатото столетие, во форма на помош што му беше обезбедена на новоформираниот Факултет во издигнувањето на наставните кадри. Низ аналите на историјата на Факултетот наоѓаме дека, речиси, сите основоположници на Факултетот оствариле студиски престои во центри надвор од матичната институција, како што се: Белград, Загреб, Љубљана, Софија, но и на универзитетите во Австрија, тогашна Западна и Источна Германија, Швајцарија, Франција и др. Денес, наставниот кадар и нивните соработници редовно учествуваат на меѓународни конгреси и остваруваат соработка за унапредување на наставните програми, а на научноистражувачки план, во истражувања за меѓународни научноистражувачки проекти. Соработката се остварува преку разнообразие на форми, а тука, освен студиските престои и научноистражувачката соработка, треба да се нагласи и соработката во публицистичката дејност и во работата на регионални стоматолошки асоцијации. Стоматолошкиот факултет како високообразовна институција и центар на едукацијата е насочен кон остварување на високообразовна научна, техничка и стручна соработка со странски високообразовни, научни, стоматолошки и други институции, како дел од грижата за унапредување на вкупниот образовен систем по стоматологија. Таа се остварува преку размена на кадри, покана на еминентни стручњаци од странство да ги пренесат сопствените искуства од стоматолошката наука и практика и, обратно, организирање разни видови на стручни манифестации со меѓународно учество, како: научни симпозиуми, семинари, курсеви и советувања. Оваа соработка е исклучително значајна, во услови кога од особен интерес на Факултетот е следење на светските трендови и достигнувања од областа на стоматологијата, проверени и прифатени во науката и практиката. Комуникацијата со институциите во странство Факултетот ја остварува самостојно или во рамките на меѓународната политика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Стоматолошкиот факултет, на линијата на интернационална комуникација, во агендата, има успешно организирани семинари на кои одржале предавања еминентни имиња од странство: Англија (проф. д-р Џон Николсон, д-р Никола Колеман од Универзитетот во Гринич, Хемија на биоматеријалите), Грција (Проф. д-р Космастолидис од Аристотеловиот Универзитет во Солун), Турција (проф. д-р Ферда Тасар, Хачетепе Универзитет, Стоматолошки факултет, Анкара), Србија (Стоматолошки факултет Белград: проф. д-р сци. Лилјана Јанковиќ; Медицински факултет, Стоматолошка клиника, Ниш: доц. д-р Никола Буриќ, ас. д-р Ана Пејчиќ), Словенија (Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет во Љубљана – проф. д-р Љубо Марион), Бугарија (проф. д-р Ангелина Киселова, Стоматолошки факултет, Софија), Хрватска (Стоматолошки факултет, Загреб: проф. д-р Дарко Мацан, проф. д-р Хрвоје Бркиќ и проф. д-р Зринка Тарле).

 

Договори за соработка

 

Година Договор/ меморандум/ протокол  Институција/ Правно лице Држава Архивски број Валидност
 2018  Договор за меѓународна соработка  Медицински факултет во Фоча при Универзитет во Источно Сараево  Босна и Херцеговина неопределено
 2018  Меморандум за соработка  Македонско стоматолошко друштво – МСД Скопје Македонија неопределено
 2018  Меморандум за соработка Интердентал ДООЕЛ Скопје Македонија 04-965/1 од 16.3.2018 неопределено