Општо

ОПШТ ДЕЛ

1.Назив на предлагачот на студиската програма

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Стоматолошки факултет Скопје.

2.Назив на студиската програма

Стручни забни техничари, од прв циклус стручни студии

3.Траење на студиите

Должината на траење на студиите е три (3) години или шест (6) семестри.

4. Услови за запишување на студиите

Условите и начинот за запишување на студенти на студиската програма се во согласност со Законот за високо образование, Статутот на Универзитетот, како и со Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

5. Спецификација на генерички (општи) и специфични компетенции кои студентот ќе ги стекне со завршување на студиите и за кои работни места е способен

А) Генерички – општи компетенции

  • способност да го примени знаењето на начин што покажува професионален пристап во работата и професијата стручен забен техничар, како и способност за идентификација, анализа и решавање на проблемите во рамките на мултидисциплинарен тим;
  • способност да оценува теоретски и практични прашања, да дава објаснување за причините и да избере соодветно решение во соработката со доктор по дентална медицина и доктор специјалист од сите специјалности во стоматологијата;
  • способност да комуницира и дискутира со стручната и нестручната јавност за информации, идеи, проблеми и решенија кога критериумите за одлучување и опсегот на задачата се јасно дефинирани.

Б) Специфични компетенции

  • познавање на структурата и функцијата на забите, устата, вилиците и останатите орални ткива и здрави и заболени, нивната релација со општата здравствена состојба и со физичката и социјалната состојба на пациентот;
  • поседува знаење од базичните биомедицински науки, како и анатомските, морфолошките и функционални особеност и на стоматогнатиот систем;
  • ги познава физиолошките и биохемиски процеси во устата, функционалната оклузија, дентофацијалните неправилности;
  • ја познава и користи стоматолошката опрема и инструменти кои се користат во заботехничката лабораторија, односно стоматологијата, нивната дезинфекција и стерилизација, како и нивната терапевтска употреба во стоматологијата;
  • демонстрира знаење како да ги реши проблемите, како да работи со тим на стручни лица со високо образование и како се раководи со тимот вклучен во здравствена нега;
  • ги применува теоретските принципи и практични вештини во препознавање на анатомските, морфолошките и функционалните особености на стоматогнатиот систем;
  • ги познава и применува најсовремените биостоматолошки материјали и медикаменти кои се користат во заботехничката лабораторија, односно стоматологијата;
  • самостојно изработува мобилни протетски надоместоци;
  • самостојно изработува фиксни протетски надоместоци;
  • самостојно изработува активни мобилни и функционални ортодонтски апарати;
  • самостојно изработува фиксни (интерорални и екстраорални) ортодонтски апарати;
  • способност да препознае, поврзе и толкува физиолошки и биохемиски процеси, да одлучи кои инструменти и опрема ќе ги користи;
  • способност за дијагноза и третман на дентофацијалните аномалии и ортодонтско- максилофацијалните процедури;
  • работи ефикасно како член на тимот, поседува доверливост, ненаметливо однесување, критичко размислување, ги разбира и почитува културните разлики;
  • подготвен е за континуирана едукација во различни области на стоматологијата и презема иницијатива за стекнување знаења и учење со висок степен на независност.

В) Работни места за кои се способни

  • работа во јавна здравствена установа;
  • самостојна работа во приватна здравствена установа;
  • работа во  фирми  кои  се  занимаваат  со  набавка,  дистрибуција  и  продажба  на стоматолошки материјали и стоматолошка опрема и инструменти.

6. Стручен назив кои се стекнува со завршување на студиите

Дипломиран стручен забен техничар (анг. Graduated dental technican)

 


Преглед на структурата на студиската програма


Решенија за акредитација и почеток со работа