Стоматолошки факултет – Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје доби 13 Ноемвриска награда од Град Скопје за 2024 година.
Како резултат на заложбите на студентите и вработените на Стоматолошкиот факултет – Скопје за унапредување на оралното здравје кај граѓани од социјално ранливите категории на граѓани, а по повод одбележување на 80. годишнината од денот на ослободувањето на Скопје, Градот Скопје му додели на Факултетот 13 Ноемвриската награда од областа на социјалната заштита.
Стоматолошкиот факултет – Скопје во изминатиот период, со поддршка на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје, обезбеди современи клинички сали за изведување на практична настава на студентите од Факултетот и презема активности за пружање на бесплатни стоматолошки услуги на социјално ранливите категории на граѓани (децата под социјален ризик, лицата со ниски приходи во семејството како и лицата од третото доба), за што беа склучени меморандуми за соработка со голем број општини од територијата на Град Скопје, Црвениот крст на град Скопје како и други невладини здруженија на граѓани.
Стоматолошките услуги беа пружани од страна на студентите на Факултетот под директна супервизија на наставниот кадар и имаа за цел санирање и постигнување оптимално орално здравје кај лицата од ранливите категории, подобрување на системското (општо) здравје, како и превенција, мотивација и едукација за правилна орална хигиена.
Наградата „13 Ноември“ на Градот Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје, за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација на нашата држава.