Во рамките на Tретата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина се одржаа повеќе работилници:

-Примена на инфилтративни терминални анестезии во современата дентална пракса (проф. д-р Марина Кацарска);
-Машинска инструментација во коренските канали – лесно и едноставно (проф. д-р Соња Апостолска);
-Примена на ласер терапијата во пародонтологија и орална медицина (проф. д-р Снежана Пешевска);
-iTop – индивидуален пристап во одржување на орална хигиена (Стоматолошки факултет – Скопје и Интердентал ДООЕЛ);
-Принципи на орално-хируршки сутури (проф. д-р Даниела Велеска – Стевковска);
-Принципи на екстракција со сепарација на повеќекорени заби (атипични екстракции) (доц. д-р Гордана Апостолова).
Примена на инфилтративни терминални анестезии во современата дентална пракса
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, проф. д-р Марина Кацарска од Катедрата за орална хирургија, Стоматолошки факултет – Скопје при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одржа работилница со наслов: ,,Примена на инфилтративни терминални анестезии во современата дентална пракса”.
Во теоретскиот дел беа разработени и подоробно објаснети индикациите, контраиндикациите, техниките и начинот на изведување на терминалните анестезии: интракутана, супкутана, интрамукозна и субмукозна анестезија.
Во практичниот дел од курсот, на учесниците им беа демонстрирани техниките на терминалните анестезии, по што тие самостојно ги изведоа истите на анимален модел.






Машинска инструментација на коренските канали – лесно и едноставно
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, проф. д-р Соња Апостолска, од Катедрата за болести на забите и ендодонтот, Стоматолошки факултет – Скопје при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одржа работилница со наслов: ,,Машинска инструментација на коренските канали – лесно и едноставно”.
Во теоретскиот дел, учесниците беа запознаени со основниот концепт на машинска инструментација, неговата примена во секојдневната клиничка пракса, основите на 3Д инструментацијата, машинските ендодонтски инструменти, нивната едноставна примена, методологија и секвенци на работа, предностите на овие инструменти, секојдневните проблеми и предизвици во ендодонцијата, како и можните решенија на овие проблеми.
Во практичниот дел од курсот, секој учесник имаше можност индивидуално, со ендомотор, да ги примени стекнатите вештини, на специјално дизајнирани ендо-блокови и екстрахирани заби.



Примена на ласер терапијата во пародонтологија и орална медицина
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, проф. д-р Снежана Пешевска, од Катедрата за болести на устата и пародонтот, Стоматолошки факултет – Скопје при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одржа работилница со наслов: ,,Примена на ласер терапијата во пародонтологија и орална медицина”.
Во теоретскиот дел, учесниците беа запознаени со базичните принципи на примена на ласер терапијата на оралните ткива, клиничките индикации и контраиндикации, изборот на ласерските перформанси при одредени индикации, како и правилата за безбедност при изведба на терапијата.
Во практичниот дел од курсот, секој учесник имаше можност да ја совлада вештината на безбедно ракување со ласерската единица на модел, како и изборот на соодветните модалитети и делови за изведба на тераписката процедура и правилното тераписко постапување при одделни индикации од областа на пародонтологијата и оралната медицина.



iTop – индивидуален пристап во одржување на орална хигиена
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, Стоматолошки факултет – Скопје, во соработка со партнерот Интердентал ДООЕЛ, одржа работилница со наслов: ,,iTop – индивидуален пристап во одржување на орална хигиена”.



Принципи на орално-хируршки сутури
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, проф. д-р Даниела Велеска – Стевковска, од Катедрата за имплантологија, Стоматолошки факултет – Скопје при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одржа работилница со наслов: ,,Принципи на орално-хируршки сутури”.
Во теоретскиот дел, учесниците беа запознаени со хируршкиот сет за сутура, различните видови на атрауматски конци и материјали за сутура, степенот на ресорпција на истите (ресорптивни и нересорптивни сутури), индикациите за поставување на сутурите како и базичните техники на сутурирање (едноставна поединечна сутура, стабилизациона сутура – Х сутура). Учесниците исто така беа запознаени и со некои напредни техники на сутури, како што се продолжените сутури и нивните варијации, но и техниката душек (мадрац) шев: хоризонтален и вертикален.
Во практичниот дел од курсот, секој учесник имаше можност да ги подобри своите практични способности и да постави различни видови на сутури на анимални модели, кои најдобро го имитираат реалното хируршко поле.



Принципи на екстракција со сепарација на повеќекорени заби (атипични екстракции)
Во рамките на Третата летна школа за студенти по стоматологија и млади доктори по дентална медицина, доц. д-р Гордана Апостолова, од Катедрата за орална хирургија, Стоматолошки факултет – Скопје при Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, одржа работилница со наслов: ,,Принципи на екстракција со сепарација на повеќекорени заби (атипични екстракции)”.
Во теоретскиот дел, учесниците беа запознаени со вештините за атипична екстракција на повеќекорени заби во амбулантски услови, со користење на клешти, полуги, насадни инструменти и борери. Исто така, учесниците ги освежија своите познавања од анатомија на заби, инструменти за екстракција, принципи на типична и атипична екстракција, како и локални компликации по екстракција на заби.
Во практичниот дел од курсот, секој учесник имаше пред себе модел (екстрахиран заб, соодветно обработен и дезинфициран, фиксиран во калап од оптозил) на кој беше изведена екстракцијата со помош на наведените инструменти. Фрактурираните повеќекорени заби беа сепарирани со помош на микромотор, на кој беа поставени округол и фисурен карбиден борер. Сепарираните корени беа поеиднечнo екстрахирани со помош на клешти или полуги.


