Проф. д-р Соња Апостолска – продекан за меѓународна соработка – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје
проф. д-р Соња Апостолска

Проф. д-р Соња Апостолска е редовен професор на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Проф. д-р Соња Апостолска е родена на 5 септември 1964 година, во Скопје. Средно образование завршила во ,,МУЦ др. Панче Караѓозов“ во учебната 1982/83 година. Дипломирала во 1988 година со просечен успех 9,42 на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 1994 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје го одбранила магистерскиот труд под наслов ,,Корелација помеѓу бактериолошкиот наод во кариозните маси, плунката и примарната бактериска имплантација на клинички здрава емајлова површина“ и се стекнала со звањето магистер по стоматолошки науки. Во 1995 година се здобила со звањето специјалист по болести на забите и ендодонтот.

Со одбраната на докторскиот труд, во 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов ,,Улогата на Streptococcus Mutans и Lactobacillus во етио-патогенезата на денталниот кариес“ се стекнала со звањето доктор на стоматолошки науки.

Првото вработување го остварила на Клиниката за болести на забите и ендодонтот при ООЗТ Стоматолошки клиники во 1990 година како стручен соработник. Во звањето помлад асистент на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1993 година, во 1996 била избрана за асистент на истата Катедра, а во 2000 година била реизбрана за асистент. Во 2004 година била избрана во звањето научен соработник на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет. Во 2008 година била избрана за насловен доцент, а во 2011 година за доцент на истата Катедра. Во 2013 година била избрана во звањето вонреден професор, а во 2018 год. во звањето редовен професор.

 Во 2004 година два месеца била на студиски престој на одделот за Реставративна стоматологија кај проф. д-р A. Караника – Коума на Универзитетот Аристотелис во Солун, Грција.

Проф. д-р Соња Апостолска своите стручни и научни усовршувања ги насочила кон проблематиката од областа на реставративната стоматологија, ендодонцијата и естетските реставрации. Особено поле на интерес и е примената на современите композитни материјали за естетски реставрации. Дополнително, на проф. д-р Апостолска, предмет на научен и апликативен интерес ѝ претставува и развојот на ергономијата во стоматологијата.

Во изминатиот период, проф. д-р Апостолска била член на Управниот одбор (секретар) на Здружението на специјалисти по болести на забите и ендодонтот при Македонското стоматолошко друштво, а подоцна и претседател на истото Здружение. Од 2010 до 2018 година била претседател на Македонското стоматолошко друштво. Од 2013 до 2017 година била раководител на Катедрата за болести на забите и ендодонтот.

Автор е на повеќе од 150 научни и стручни трудови, 2 учебника и 3 монографии. Учесник и носител е на повеќе национални и меѓународни проекти.

E-mail: sapostolska@stomfak.ukim.edu.mk