ПРОЕКТ: Унапредување на оралното здравје кај граѓани од социјално ранливи категории – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Со финансиска поддршка на град Скопје, Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје Стоматолошки факултет – Скопје, во соработка со партнерите ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон’’ во Скопје и Интердентал ДООЕЛ Скопје, во новата учебна 2022/23 година ќе започне со реализација проект со наслов ,,Унапредување на оралното здравје кај граѓани од социјално ранливи категории”.

Проектот има за цел решавање на проблемите со оралните заболувања и постигнување на оптимално орално здравје кај лица од социјално ранливи категории, а со тоа и подобрување на системското (општото) здравје, како и одржување на постигнатото орално здравје преку мотивација и едукација за правилна орална хигиена.

Покрај спроведувањето на стоматолошкиот третман, на секој пациент ќе му бидат дадени средства за одржување на оралната хигиена, соодветни на условите во неговата дентиција, но исто така, сите пациенти ќе бидат и едуцирани за правилна примена на овие средства за одржување на оралната хигиена.

При реализацијата на проектот ќе се води сметка за еднаквата родова застапеност на учесниците. Сметаме дека со ова ќе придонесеме за унапредување и подобрување на можностите на припадничките од женскиот пол во општествено социјалното живеење, како и подобрување на можностите за вработување кај лицата кои се работоспособни. Особено важен аспект кој очекуваме дека ќе резултира од спроведувањето на проектот е подобрувањето на оралното, а со тоа и на општото здравје кај женската популација во репродуктивниот период.

Сите тераписки активности ќе бидат изведени во рамките на практичната настава на студентите на Стоматолошкиот факултет Скопје (доктори по дентална медицина, стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози и стручни забни техничари; како и студентите од студиските програми за втор циклус на стручни студии за доктори по дентална медицина и стручен забен техничар), под директен надзор на наставно-научниот, научниот и соработнички кадар на Факултетот. Притоа, пациентите нема да имаат никакви финансиски импликации при добивање на овие услуги, а ќе им бидат обезбедени и основни и помошни средства за одржување на оралната хигиена. Кај сите пациенти-учесници во проектот, ќе биде спроведена едукација за правилно одржување на оралната хигиена.

Од проектот се очекува да овозможи полесен пристап на граѓаните од социјално ранливите категории до поголем обем на стоматолошки здравствени услуги, кои ќе бидат сеопфатни, квалитетни, превентивни и куративни. Со овие услуги ќе се постигне оптимално здравје на преостанатата дентиција и протетичка рехабилитација со која ќе се воспостави функционалост на стоматогнатниот систем, што севкупно ќе резултира со задоволство од постигнатите резултати и естетиката, подобрување на социјалното општествено живеење на учесниците, како и зголемување на можностите за вработување кај работоспособните учесници. За да се пријавите за бесплатни за стоматолошки здравствени услуги, пријавете се на следниот линк: https://forms.office.com/r/sjZW6jUQdA