Македонски стоматолошки преглед

Македонски стоматолошки преглед е списание кое го издава Стоматолошкиот факултет во Скопје и Македонското стоматолошко друштво. Во печатена форма, списанието излегува од 1977 година, а од 2013 година започнува да се издава во електронска форма, на CD.   Во 2017 година се изврши дигитализација на сите изданија на списанието и истите се јавно достапни на веб страницата на Стоматолошкиот факултет. Списанието има задача да оствари централна врска помеѓу науката и практиката, помеѓу македонската и светската стоматологија, а негова основна мисија е унапредување на оралното здравје во Македонија. Неговата улога и репутација се нераскинливо поврзани со предизвикот за перманентна трансформација на визијата за тоа што се очекува од стоматологот денес. Содржински, Македонски стоматолошки преглед претставува пресек на научно-истражувачката и апликативната стоматологија во Македонија. Списанието е трибина за разрешување актуелни проблеми од областа на стоматологијата. Самостојниот и амбициозен развој и долгогодишниот континуитет на списанието се потврда на потребата за меѓусебна комуникација на стоматолозите од земјава, па, и пошироко, од странство. Минатата година списанието го одбележи својот 40-годишен јубилеј. Во тој 40-годишен период времињата се менуваа и, веројатно, за движењата и за напредокот на македонската стоматологија во голем дел придонеле и објавените страници во нашето списание, разменетите истражувачки и практични искуства и пренесувањето на новите сознанија од светската наука.