Факултетот денес

Стоматолошки факултет денес

       Бројот на студенти што се запишуваат за студии по стоматологија на Стоматолошкиот факултет, секоја година, го одредува Владата на Република Македонија (државна квота, самофинансирање).

       Со совладување на наставната програма на Стоматолошкиот факултет, дипломираниот студент се здобива со звањето доктор по стоматологија (д-р), што претставува основа за постдипломска едукација (специјализација и магистерски студии (м-р сци.) и/или научноистражувачка работа (здобивање научен степен доктор на стоматологија, д-р сци.)  Со дипломирањето на Стоматолошкиот факултет пред вас се отвораат повеќе можности. Некои од вас ќе можат да се  определат за работа со пациенти. Некои, според афинитетите ќе можат да се посветат на научноистражувачката дејност, да се вклучат во проекти за унапредување на оралното здравје преку просветување на населението.

       Основното стоматолошко образование на Стоматолошкиот факултет во Скопје е петгодишен curriculum (10 семестри) според Европскиот кредит трансфер систем. Во првите години се интегрирани содржини од природните, медицинските, информатичките и општествените науки, па, студентите паралелно и постапно се воведуваат во стоматолошките предмети.
       Низ теоретска и практична настава студентите се стимулираат, се подготвуваат и, учејќи, влегуваат во тајните на идната професија.

       Стоматологијата е медицинско-техничка наука. За време на студиите се применува комбинирана теоретска и практична настава за да се обезбедат оптимални услови за учење. Обуката се изведува преку различни форми: интерактивна теоретска настава или активно учење, континуирана проверка на знаењата, до практични вежби на најсовремена стоматолошка опрема и техники.

       Во наставата се вклучени предмети од медицината, стоматологијата и општествените науки за, вие, идни професионалци, постапно да се здобиете со сопствени искуства, знаење и умеење за самостојна работа во ординацијата. Тимската работа на студентите, од една страна и на сите вработени вклучени во едукативниот процес од друга, дава извонредно добри резултати.

       Низ наставната програма, теоретска и практична, ќе ве водат искусни кадри, професори, доценти и друг помошен наставен кадар.
Наставна програма за доктори по стоматологија (.PDF документ 5.66MB)

       Но, бидејќи само квалитетно формиран додипломски соработнички кадар со успех ќе може да ги користи и да се служи со достигнувањата во стоматологијата, што несомнено ќе овозможи активно и кооперативно вклучување во секојдневната тимска стоматолошка практика, на Стоматолошкиот факултет се воведени уште две студиски програми кои овозможуваат новиот кадар да одговори на потребите на една високо професионализирана стоматолошка заштита. Со завршувањето на студиите, стручните забни техничари и стручните стоматолошки сестри ќе се оформат во здравствени работници кои со својата стручност, компетентност, знаење и способност ќе овозможат да се унапреди оралното здравје, да се обезбеди примена на новите дијагностички и тераписки процедури секој од својот домен на работа.
Наставна програма за стручни забни техничари и стоматолошки сестри (.PDF документ 652KB)