Проф. д-р Ерол Шабанов – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Шабанов (Хамза) проф. д-р Ерол е роден на 19 март 1947 год. во Гевгелија. Средно образование, МУЦ “Панче Караѓозов”, завршил во Скопје во 1966 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1971 год. Во 1976 год. се здобил со звањето специјалист по стоматолошка протетика. Во 1980 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранил магистерскиот труд под наслов “Промени во пародонтот како резултат на предвремен допир кај заби со коронки” и се стекнал со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Промени во пародонциумот по експериментално предизвикана трауматска оклузија-стереолошка и хистолошка студија кај стаорци”, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1983 год., се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област.Првото вработување на професор Шабанов било во 1971 год., на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет. Во 1973 год. бил избран за асистент на Катедрата за стоматолошка протетика. Во 1984 бил избран за доцент на истата Катедра, а во 1989 год. за вонреден професор. Во 1994 год. бил избран во звањето редовен професор на Катедрата за стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје.Публицистичкиот опус на професор Шабанов опфаќа голем број на статии, објавени во домашни и во странски публикации.Проф. д-р Ерол Шабанов бил помошник директор на Стоматолошкиот клинички центар од 1988 до 1996 год. Во два мандатни периода, 1996/98 и 1998/2000, бил избиран за продекан на Стоматолшкиот факултет во Скопје.Проф. Шабанов бил судија во Вишиот суд на честа на резервните воени старешини на Р. Македонија (1986-1990). Бил член на претседателството на Републичкиот сојуз за борба против алкохолизмот, никотинизмот и наркоманијата (1985-1994), а потоа, и претседател на Градскиот сојуз за борба против алкохолизмот, никотинизмот и наркоманијата (1990-1994). Од 1990 до 1994 год., во два мандата, бил член на Претседателството на Македонското лекарско друштво, а од 1998 наваму е негов потпретседател. За својата севкупна дејност професор Шабанов во 1990 год. добил плакета од Македонското лекарско друштво.