Проф. д-р Миле Царчев – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Царчев (Коста) проф. д-р Миле е роден на16 јули 1948 год. во Струмица, Р. Македонија. Средно образование завршил во Училиштето за забари и заботехничари во Скопје, во 1967 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1973 год. Во 1978 год. се здобил со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија. Со одбраната на докторската дисертација во 1989 год., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов “Епидемиолошки, клиничко-рендгенграфски и патохистолошки аспекти на пародонталната болест кај децата од училишна возраст”, се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа детска и превентивна стоматологија.Првото вработување на проф. Царчев било во 1974 год., на Клиниката за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошките клиники во Скопје, а во 1976 год. бил избран за помлад асистент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет; во 1980 год. бил избран за асистент, а во 1983 и 1986 преизбиран во истото звање. Во 1990 бил избран за доцент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, а во 1995 год. за вонреден професор. Во 1999 година бил избран во звањето редовен професор а повторно реизбран во истото звање во 2005 година. Професор Царчев го насочил својот професионален интерес кон промовирање на оралното, а особено, на денталното здравје преку примена на комплексни превентивни мерки со акцент на флуоридите. Коавтор е на националната стратегија за развој на здравството до 2010 година, изготвена од МАНУ во 2001 година. Во 2007 година од страна на министерството за здравство е назначен за национален координатор за орално здравје на РМ, а под негово координаторство е изготвена ,, Националната стратегија за превенција на оралните заболувања кај децата од 0-14 години од Република Македонија од 2008-2018 година’’, која започнала да се имплементира од 1.1.2008 година.Публицистичкиот опус на професор Царчев опфаќа повеќе од 100 статии објавени во домашни и во странски публикации. Автор е на учебникот Превентивна стоматологија, издание на Стоматолошкиот факултет во Скопје од 2006 година.Професор Царчев бил учесник во изведбата на научноистражувачкиот проект под наслов “Процена на состојбата на оралното здравје и потребниот третман на населението од СР Македонија преку примената на базичните критериуми на Светската здравствена организација”, чии резултати биле објавени во 1990 год. и е раководител на друг, под наслов: “Унапредување на оралното здравје преку превентивни мерки кај деца со пречки во развојот и деца без родителска грижа” од 1998 до 2001 год. Координатор е на Републичката манифестација “Да зборуваме за забите”. Професор Царчев бил на повеќе стручни престои (Ивердон, Виена, Порторож, Будимпешта, Женева).Професор Царчев е член на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед од 1994 г. Член е на Управниот одбор на Стоматолошкиот клинички центар од 1999 год., на Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 1995 год. и претседател на Економско-социјалната комисија при Стоматолошкиот клинички центар од 1995 год. Проф. Царчев бил координатор на Комисијата за реформи на наставата по стоматологија. Во периодот од 2005-2009 година бил продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје. За својата севкупна дејност професор Царчев бил наградуван со разни одликувања и награди, меѓу кои: плакета по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989), плакета од Здружението на лекарите на Македонија (1994).