СТРУЧНА И АДМИНИСТРАТИВНА СЛУЖБА

Историјат

Од почетоците на своето постоење до денес, Стручната и административна служба е темел на стручната и техничката поддршка за остварување на дејноста на Факултетот и за неговото целокупно функционирање како негова организациска единица.
Тргнувајќи по еден хронолошки редослед, може да се констатира дека таа во изминатите шест децении го менуваше свoјот назив и организациска поставеност. Својата работа ја почнува под називот Работна заедница –Секретаријат, чија дејност ја извршувале четворица вработени, за подоцна, во текот на 1980/81 година, поради зголемувањето на обемот на работа и развојот на дејноста на Факултетот, да се прошири со уште три нови вработувања. Како дел од развојот на тогашната Работна заедница е вредно да се забележи дека библиотеката на тогашните ООЗТ Стоматолошки клиники се одделува и се организира како посебно одделение на Стоматолошкиот факултет, a денес е посебна организациска единица на Факултетот.

Во текот на 1998 година финансиско-сметководствените работи кои дотогаш ги вршеше ООЗТ Стоматолошки клиники, ги презеде и продолжи да ги води за Стоматолошкиот факултет токму Работната заедница. Како последица на усогласување со новите прописи од областа на образованието, таа доби назив Стручна и административна служба, чија организациска поставеност од 1998 па до денес, согласно со промените вo легислативата, но и конкретните потреби на Факултетот, се менува со единствена цел подобра поставеност и полесно оптимално завршување на работните обврски чијшто обем во контунуитет се зголемува како резултат, од една страна, на сѐ поголемите законски барања и новите прописи кои го следат неминовно европскиот тренд, а од друга страна, на малиот број вработени како проблем со кој оваа служба веќе подолго време се соочува. Службата, под влијание на брзиот развој на современите и новите технологии, под влијание на постојаната промена на легислативата од областа на образованието, но и севкупната
во земјава, постојано се осовременува, еволуира и надградува.

Во последните децении од нејзиното постоење се соочува и ги надминува предизвиците кои ги носат сите промени кои
често се случуваат во нашиот општествен систем, особено во областа на образованието. Службата успева да биде во чекор со времето и современите текови и случувања во областите кои таа ги поддржува – што е нејзина основна мисија, за што е значајна улогата на самиот
Факултет кој секогаш подржувал контунуирана и перманентна едукација на вработените преку овозможување присуство на семинари и курсеви од области на интерес на кадарот во кои е тој стручен.

Секретар на Стоматолошкиот факултет

Со Стручната и административна служба раководи Секретар кој за својата работа е одговорен пред деканот на Факултетот. Од почетоците на постоењето на Службата се запишани четворица нејзини раководители, односно секретари, сите дипломирани правници и тоа:
-Александар Петровски – прв Секретар на Факултетот,
-Лилјана Лукиќ – која во 2005 година замина во заслужена пензија,
-Елизабета Алексовска – која работата ја вршеше од 2005 до 2016 година,
Драгица Митревска Исаиловска – која работата ја врши од 2016 до 2021.

Актуелен секретар на Факултетот е д-р Влатко Коколански – кој работата ја врши од 2021 година.


Внатрешната организација на Стручната и административна служба тековно трпи промени и адаптирања насочени кон поефикасна реализација на обврските. Денес, таа е дел од Стручната и административна служба на интегриран Универзитет, на што во последно време се насочува и посветува големо внимание во смисла на воедначување на постапувањата и процесите во секојдневното работење на службите од сите факултети кои се дел од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Денес, во Стручната и административна служба работите се организирани во две одделенија, а пред крај е процесот на повторно формирање на Одделението за студентски прашања, со кое во иднина би биле три.

Одделение за правни и општи работи

Одделението ја врши нормативно-правната дејност на службата, кадровските, односно работите поврзани со управувањето со човечките ресурси, следење на законските и подзаконските прописи за работите поврзани со дејноста на Факултетот, водење и регулирање на здравствените специјализации, работи од областа на јавните набавки, управување со документација и архивирање, но и многу
други обврски произлезени од нова легислатива од која произлегуваат дополнителни обврски за работи од областа на личните податоци, предлози и претставки, информации од јавен карактер, заштита при работа и останато.

Сметано од 2014 година, т.н. служба за студентски прашања беше припоена кон Одделението за правни и општи работи, не поради помалиот обем на обврски туку поради малиот број на вработени оптоварени со обврски од најразличен тип. Денес, на чекор е административното завршување на процесот за повторно враќање на службата за студентски прашања како Одделение за студентски прашања.

Во рамките на ова Одделение се предвидени повеќе вработени отколку во годините претходно затоа што Факултетот денес е организатор на три вида студиски програми од прв циклус студии, три вида студиски програми од втор циклус студии и докторски студии, чие успешно спроведување, од административен и технички аспект, се должи на искуството и ажурноста на вработениот кадар. Со Одделението за правни и општи работи раководи Елизабета Алексовска, дипл. правник. Континуираната работа на Одделението на едно професионално и завидно ниво се должи и на останатите вработени колеги: Антоанета Киш, Сузана Василевска, Петранка Ѓеоргиевска и Снежана Алексоска. Се очекува во блиска иднина Антонета Киш и Сузана Василевска да ја продолжат работата на Одделението за студентски прашања.

Одделение за финансиско, сметководствено и материјално работење

Одделението ги врши работите кои се однесуваат на финансиите на Факултетот, евиденција на изворите на средства како остварени приходи на Факултетот, следење на расходите, завршни сметки и сѐ останато потребно и битно за овој делокруг на работа. Работата на Одделението со текот на времето се осовременува преку примена на електронски форми на водење на евиденции и примена на софтвери за соодветна финансиска намена, но во последно време обврска на ова Одделение е и усогласувањето на сметководственото работење со систем кој го воспоставува Универзитетот што е, всушност, дел од процесот на континуирано единствено функционирање и подобрување на интеграцијата на Универзитетот. Работата на Одделението и успешното спроведување и реализацијата на обврските од делокругот на Одделението се должи на Јасмина Генчевска, ангажирана со договор на дело и на останатите вработени колеги: Иван Талески и Зоран Дериволски.