Проф. д-р Јанев Јордан – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Јанев (Павле) проф. д-р Јордан е роден на 19 ноември 1942 год. во с. Мечкуевци, Светиниколско, Р. Македонија. Средно образование, Гимназија “Цветан Димов” во Скопје, завршил во 1960 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1964 год. Во 1974 год. се здобил со звањето специјалист по орална хирургија, а во 1982 год. со звањето примариус. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Клинички, рендгенолошки, гнатодинамометриски аспект испитивања реинплантираних зуба”, во1986 год., во Сараево, се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа орална хирургија. Првото вработување на проф. Јанев било во 1965 год., во Здравствен дом “Скопје”. Во 1977 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет и истата година бил избран за асистент на Катедрата за орална хирургија; во 1980 и 1983 год. бил преизбиран во истото звање. Во 1987 бил избран за доцент на Катедрата за орална хирургија, а во 1992 год. за вонреден професор. Изборот за редовен професор на проф. Јанев бил извршено 1997 год. Се пензионирал во 2005 год. Во 1980 год., во траење од осум месеци, бил на стручно усовршување во Париз, кај професор Vaillant, а во 1984 год., во траење од четири месеци, пак во Париз, кај професор Шершев. Во 1985 год., во траење од еден месец, бил на стручно усовршување во Тибинген, кај професор Шулте, во 1994 год., во траење од две недели, во Минхен, кај професор Хартман, во 1996 во Манхајм и во 1999 год. во Нирнберг, Германија, кај професор Ланг. Проф. д-р Јордан Јанев е еден од втемелувачите на македонската орална имплантологија. Тој прв вовел рутинска примена на дентални имплантати на Клиниката за орална хирургија, следејќи ги и применувајќи ги најсовремените светски имплантолошки системи. За публицистичкиот опус на професор Јанев, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа вкупно 125 статии, од кои 95 се објавени во домашни и 30 во странски публикации. Професор Јанев е автор на учебникот “Дентална реинмплантологија и трансплантологија”, во издание на СИГНУМ – Скопје (1998). Исто така, тој е носител на истражувањето во научно- истражувачкиот проект под наслов “Примена на биокерамички ендоосеални имплантати во стоматологијата” (1991). Проф. д-р Јордан Јанев бил раководител на Клиниката за орална хирургија од 1991 до 1995 год. Од 1995 до 1999 год. повторно бил раководител на истата Клиника. За претседател на Удружење оралних хирурга Југославије бил избран во мандатниот период 1988-1992 год. Меѓу општествените активности на професор Јанев треба да ги наброиме следниве: тој бил член на Редакцискиот одбор на списанието Македонски стоматолошки преглед, член на Редакцискиот одбор на Межев, Франција и член на Европската академија за орална имплантологија во Париз од 1990. Тој е, исто така, член на Европската асоцијација за кранио-максилофацијална хирургија со седиште во Цирих од 1988 год. За својата севкупна дејност професор Јанев бил наградуван со разни одликувања и награди: повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989), плакети по повод одблежувањето 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004) и повелба “Д-р Трифун Пановски” од Македонското лекарско друштво (1999).