Проф. д-р Смилев Димитар – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Смилев (Алексо) проф. д-р Димитар е роден на 17 октомври 1909 год. во Велес, Р. Македонија. Средно образование завршил во родниот град во 1928 год. На Медицинскиот факултет во Загреб дипломирал во 1935 год. Специјализирал стоматологија во Загреб, каде и се здобил со звањето специјалист по болести на устата, забите и вилиците во 1938 год. Во 1956 год. одбранил хабилитациона теза на Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов “Забниот кариес во однос на флуорот во НР Македонија”. Првото вработување на професор Смилев го следиме во 1938 год., во Велес, каде што работел како стоматолог до 1944 год. Од втората половина на 1944 до крајот на 1945 год. бил учесник во Народноослободителната војна како санитарен референт во 42. Дивизија на НОБ. По демобилизацијата, во 1949 год., најпрвин бил распореден на должноста здравствен референт при Градскиот одбор на Скопје, а потоа, истата година, се вработил на Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје, каде го поминал остатокот на својот работен век. Во 1954 год. бил избран во звањето доцент на предметот стоматологија на Медицинскиот факултет, а во 1960 год. бил избран за вонреден професор на истиот предмет; во 1965 год. бил преизбран во истото звање, но на предметот стоматохирургија, на сега веќе издвоениот Стоматолошки оддел на Медицинскиот факултет во Скопје. Во звањето редовен професор бил избран во 1970 год. Се пензионирал во 1978 год. во звањето редовен професор. На 6. ноември 1996 год. починапрофесор Смилев, оставајќи го зад себе белегот на личност која целиот свој живот го посветила на македонската стоматологија. Професор Смилев, од 1951 до 1954 год., во повеќе наврати, вкупно во траење од единаесет месеци, престојувал на стручни усовршувања на Стоматолошкиот факултет во Загреб и за тоа време учествувал во научната екипа за испитување на етиологијата на забниот кариес и влијанието на флуорот во водата за пиење во Лика и Далмација. Во 1955 год. бил на усовршување во Германија, кај проф. Карл Хојпл. Во 1959 год., на Хируршката клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, ги продлабочувал знаењата и искуствата во општата хирургија. Професионалниот интерес на професор Смилев бил насочен кон испитување на водата за пиење во Македонија и поврзаноста на нејзиниот со- став со можната етиологија на забниот кариес. Земајќи си ја слободата проф. Смилев да го наречеме прв македонски учител на првите генерации стоматолози произведени на територијата на Македонија, импозантно делува бројката од над 100 трудови што тој ги создал. За жал, досега, се успеало да се приберат само 29 наслови на статии објавени во повеќе домашни и странски периодични публикации и зборници на трудови. Со формирањето на Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1949 год., професор Смилев бил назначен за нејзин прв управник. Во 1959 год., професор Смилев бил избран за член на Матичната комисија за изработка на Елаборат и предлог за отворање на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, кој, со Указ на Собранието на тогашната Народна Република Македонија од 19 јуни 1959 год. влегол во законска процедура. Токму тој датум, годинава, го прославува Стоматолошкиот факултет како свој 50-годишен јубилеј. Тоа е трагата што ја оставил професор Смилев во историјата на македонската стоматологија и, помеѓу другото, поради која, со гордост констатираме дека тој е основоположник и доајен на Стоматолошкиот факултет во Скопје. За својата долгогодишна самопрегорна и плодна работа професор Смилев е добитник на повеќе признанија и одликувања: диплома од Грчката стоматолошка асоцијација со седиште во Атина (1970), диплома за придонес во работата на 1. Конгрес на специјалистите за болести на уста- та, забите и пародонтот на Југославија (1983), повелба од Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје (1985), повелба “Д-р Трифун Пановски” за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развојот на здравствената заштита (1985), благодарница по повод одбележувањето на 35-годишнината од основањето на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” за соработка, едукативен придонес и развој на Стоматолошкиот факултет (1994).