Проф. д-р Бојаџиев Тодор – Стоматолошки факултет – Скопје Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј'' во Скопје

Бојаџиев (Благоја) проф. д-р Тодор е роден на 22 октомври 1940 год. во Скопје, Р. Македонија. Средно образование, Гимназија “Јосип Броз Тито” во Скопје завршил во 1958 год. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирал во 1964 год. Во 1973 год. се здобил со звањето специјалист по ортодонција со протетика, а во 1980 год. и со звањето примариус. Професор Бојаџиев во 1978 год. хабилитирал на тема “Дентоалвеоларни морфолошки карактеристики и развојни промени кај трисомија 21”. Со одбраната на докторската дисертација во 1985 год., под наслов “Типологија диферентне статичке морфологије раста и развитка – рендгенкраниометриска анализа”, на Медицинскиот факултет, Стоматолошки отсек ,во Ниш се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа на ортодонцијата. Првото вработување на проф. Бојаџиев било во 1964 год., во Здравствената станица “Бетон” во Скопје, а потоа во Здравствениот дом “Скопје”. Во 1974 год. се вработил на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет, Клиника за ортодонција. Во 1976 год. бил избран за асистент на Катедрата за ортодонција, а во 1979 год. бил преизбран во истото звање. Во 1981 год. бил избран за доцент на истата Катедра, а во 1986 год. за вонреден професор. Изборот на проф. Бојаџиев за редовен професор на Катедрата за ортодонција бил извршен во 1992 год., а во 1998 год. бил преизбран во истото звање. Починал во 2004 год. Во 1976/77, во траење од една година, бил на стручно усовршување во Париз, кај професорите Кутан и Шато. Проф. Бојаџиев прв ја вовел фиксната ортодонтска техника како метод во лекувањето на забновиличните аномалии на Стоматолошкиот факултет во Скопје, едуцирајќи ги кадрите на Клиниката за ортодонција и специјализантите. Негово друго поле на интерес е проучувањето на растот и развитокот на краниофацијалниот комплекс и тој ги одредил краниофацијалните димензии кај македонското население. Особен интерес за проф. Бојаџиев претставуваат конгениталните аномалии од типот трисомија 21 и нивното лекување. За публицистичкиот опус на професор Бојаџиев, за жал, немаме целосни податоци, освен дека до 1999 год. тој опфаќа вкупно 182 статии, од кои 168 објавени во домашни и 14 во странски публикации. Професор Бојаџиев е автор на скриптата “Биомеханика во ортодонцијата”, издадена во 1981 год., и на монографијата “Затворање на просторот и подредување на забите по екстракција на првите премолари со сегментален лак по Бурстон”, во издание на Универзитетот Париз 7, во Париз, 1977 год. Проф. д-р Тодор Бојаџиев бил управник на Клиниката на ортодонција при ООЗТ Стоматолошки клиники и раководител на истоимената Катедра при Стоматолошкиот факултет од 1984 до 1999 год. Во два мандата, 1988/90 и 1990/92, бил продекан на Стоматолошкиот факултет. За својата севкупна дејност професор Бојаџиев бил наградуван со разни одликувања и награди: Орден заслуги за народ (1986), повелба “Д-р Трифун Пановски” од Македонското лекарско друштво (1993) и плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1989, 1999 и 2004).