Историјат - Студентски парламент на Стоматолошки факултет

Историјат
Студентски парламент е формиран во далечната 1959 година под името Сојуз на социјалистичка младина при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Зачетоците на конгресите на студентите по стоматологија датираат во далечната 1976 година, кога за прв пат бил организиран заеднички научно-студентски конгрес на студентите по медицина и стоматологија. Всушност, тој претставуваше 20-ти јубилеен конгрес на студентите по медицина и стоматологија на Југославија, со најголем број на учесници. Во тој период, претседател на Студентската организација беше Славе Наумовски сега редовен професор на Kатедрата за максилофацијална хирургија на Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Во 1977 година за прв пат беше организирана стручна апсолвентска екскурзија на студентите по стоматологија во Берн и Цирих при што беше посетена фабриката за стоматолошка опрема KaVo. По осамостојувањето на Република Македонија, во 1993 година, Студентската организација се впишува во регистарот на невладини организации под назив Сојуз на студенти по стоматологија на Македонија (СССМ). За прв претседател на СССМ беше избран Обрад Росиќ. Во тој период за прв пат е донесен Статут на студентската организација и организиран е првиот научен студентски конгрес во Охрид, благодарение на огромната поддршка од тогашниот продекан за настава проф.д-р Марија Накова. На конгресот беше промовиран првиот број на весникот Дентиција во двојазична верзија (на македонски и англиски јазик), а прв одговорен уредник на весникот била Ана Ангелова. Во 1994 година на Светскиот конгрес на студентите по стоматологија, СССМ за прв пат е примен како полноправна членка на Светската асоцијација на студентите по стоматологија под уставното име на Република Македонија. Во 1997 година за претседавач на Светската асоцијација на студенти по стоматологија е избрана Валентина Штерјова. Во 2004 година за претседател на СССМ е избран Данчо Бизевски. Од овој период започнаа поинтезивни реформи во студентското организирање на Стоматолошкиот факултет. За прв пат е формиран Советот на студенти со претставници од сите студиски години, кој е во директна комуникација со деканот на Факултетот со цел да се постигне поголема мобилност и функционалност во решавањето на студентските проблеми. Во овој период е формирана и Канцеларија за информации, што претставува постојан сервис за студентите за сите информации поврзани со нивните студии. Исто така, СССМ се избори за активно учество во управувањето со Факултетот, креирањето на неговата политика и стана гласноговорник на проблемите на студентите пред Наставно-научниот совет на Факултетот. Воедно, се подигна нивото на студентскиот конгрес со тоа што се создадоа повисоки критериуми за изработка на стручно-научни трудови, имплементирајќи ги сите меѓународни стандарди со што станавме препознатливи меѓу колегите во Европа и светот. Студентската организација на 13. Kонгрес одржан во Крушево (2005 година), за прв пат додели плакета во знак на благодарност за соработката на деканот проф.д-р Марија Накова, што го потврдува сето она што го направи за Факултетот и студентите на Стоматолошкиот факултет. Студентското списание во овој период го доживеа својот најголем тираж и стана едно од најбараните списанија, не само кај студентите по стоматологија, туку и на пошироката стручна јавност. СССМ започна и со повеќе проекти од јавен интерес во кои учествуваа студентите по стоматологија. Називот на Студентската организација, во согласност со измените на Законот за високо образование и Статутот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”, e променет во Студентски парламент на Стоматолошки факултет (СПСФ).
Студентската организација – Студентски парламент на Стоматолошки факултет, активно работеше до 2019 година, кога согласно Законот за високото образование од 2018 година е формирано Факултетското студентско собрание.
Активности на  студентската организација
Студентската организација активно учествуваше во организирањето на наставниот процес и креирањето на новиот систем на студирање – Европски кредит трансфер систем (ЕКТС). СССМ како член на Студентскиот сојуз на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (ССУКМ) учествува во неговата работа, задоволувајќи ги, поттикнувајќи ги и развивајќи ги културните потреби на студентите, спортско-рекреативните дејности, научно-техничкото творештво, здравствените, хуманитарните и другите активности. Студентскиот конгрес со меѓународно учество редовно се одржува секоја година. Желбата за учество на студентите од година во година е се поголема и квалитетот на студентските теми е се подобар, што ја потврдува заинтересираноста и ангажираноста на студентите во научната област. Секоја година се презентираат околу четириесетина научни трудови на студенти од нашиот Факултет, како и на студенти од факултети од соседните земји. Учество имаа и наставниците од Стоматолошкиот факултет со предавања за актуелни стручни теми од областа на стоматологијата, со што се збогатува програмата на конгресот. Студентскиот парламент го издава студентското списание Дентиција. Списанието содржи текстови со стручна и научна содржина, како и повеќе текстови за теми кои се актуелни во стоматологијата, занимиливости, анкети кои ги спроведува Студентскиот парламент, извештаи и други соопштенија од интерес на студентите по стоматологија. Студентскиот парламент на Стоматолошки факултет е член на две интернационални организации, Светската асоцијација на студенти по стоматологија (ИАДС) и Европската асоцијација на студенти по стоматологија (ЕДСА). Преку членството во овие две организации студентите се во директен контакт со своите колеги од целиот свет и остваруваат контакти во насока на проширување на своите видици кон развој на стоматолошката наука. Истовремено, преку членството во светската организација со свои делегати учествуваат и во директно креирање на политиките на Светската асоцијација на студенти по стоматологија. СПСФ во соработка со своите колеги, членки на овие организации, организира студентски размени од различен тип, визитинг програми, размена на научни трудови, стручни теми, посета на конгреси и семинари и се друго што е од интерес за студентите по стоматологија.
26-ти Меѓународен научен студентски конгрес 2019
КНИГИ ОД АПСТРАКТИ ОД ЛЕТНА ШКОЛА
КНИГИ НА АПСТРАКТИ ОД НАУЧНИТЕ СТУДЕНТСКИ КОНГРЕСИ
1994(1) Прв Стоматолошки Студентски Конгрес
1995(2) Втор Стоматолошки Студентски Конгрес
1996(3) Трет Стоматолошки Студентски Конгрес
1997(4) Четврт Стоматолошки Студентски Конгрес
1998(5) Петти Стоматолошки Студентски Конгрес
1999(6) Шести Стоматолошки Студентски Конгрес
2000(7) Седми Стоматолошки Студентски Конгрес
2001(8) Осми Стоматолошки Студентски Конгрес
2002(9) Деветти Стоматолошки Студентски Конгрес
2003(10) Десетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2004(11) Единаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2005(12) Дванаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2006(13) Тринаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2007(14) Четиринаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2008(15) Петнаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2009(16) Шеснаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2010(17) Седумнаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2011(18) Осумнаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2012(19) Деветнаесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2013(20) Дваесетти Стоматолошки Студентски Конгрес
2014(21) Дваесет и први Стоматолошки Студентски Конгрес
2015(22) Дваесет и втори Стоматолошки Студентски Конгрес
2016(23) Дваесет и трети Стоматолошки Студентски Конгрес
2017(24) Дваесет и четврти Стоматолошки Студентски Конгрес
2018(25) Дваесет и петти Стоматолошки Студентски Конгрес
2019(26) Дваесет и шести Стоматолошки Студентски Конгрес
2020*оваа година не се организираше конгрес поради Covid*
2021Од оваа година, стоматолошките студентски конгреси и
летните школи се во организација на Факултетско студентско
собрание на Стоматолошки факултет – Скопје