Проф. д-р Соња Апостолска – Продекан за меѓународна соработка

Д-р Соња Апостолска е вонреден професор на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет – Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје.

На Стоматолошкиот факултет дипломира во 1998 година. Во 1994 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранува магистерскиот труд под наслов ,,Корелација помеѓу бактериолошкиот наод во кариозните маси, плунката и примарната бактериска имплантација на клинички здрава емајлов површина’’ и се стекнува со звањето магистер по стоматолошки науки. Во 1995 година се здобила со звањето специјалист по болести на забите и ендодонтот.

Со одбраната на докторскиот труд, во 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов ,,Улогата на Streptococcus Mutans и Lactobacillus во етио-патогенезата на денталниот кариес’’ се стекнува со звањето доктор на стоматолошки науки.

Првото вработување го остварила на Клиниката за болести на забите и ендодонтот при ООЗТ Стоматолошки клиники во 1990 година како стручен соработник. Во звањето помлад асистент на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1993 година, во 1996 била избрана за асистент на истата Катедра, а во 2000 година била реизбрана за асистент. Во 2004 година била избрана во звањето научен соработник на Катедрата за болести на забите и ендодонтот при Стоматолошкиот факултет. Во 2008 година била избрана за насловен доцент, а во 2011 година за доцент на истата Катедра. Во 2013 година е избрана во звањето вонреден професор.

Проф. д-р Соња Апостолска своите стручни и научни усовршувања ги насочила кон проблематиката од областа на кариологија, ендодонција и естетските реставрации. Особено поле на интерес и е примената на современите композитни материјали за естетски реставрации. Дополнително, на проф. д-р Апостолска, предмет на научен и апликативен интерес и претставува и развојот на ергономијата во стоматологијата.

Во изминатиот период, проф. д-р Апостолска била член на Управниот одбор (секретар) на Здружението на специјалисти по болести на забите и ендодонтот при Македонското стоматолошко друштво, а подоцна и претседател на здружението. Од 2010 година до денес е претседател на Македонското стоматолошко друштво.

Автор е на околу 150 научни и стручни трудови, учебници и монографии. Учесник и носител е на повеќе национални и меѓународни проекти.