Проф. д-р Силвана Георгиева – Продекан за наука

Д-р Силвана Георгиева е вонреден професор на Катедрата за болести на уста и пародонт при Стоматолошкиот факултет – Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје.

На Стоматолошкиот факултет дипломира во 1985 година. Во 1992 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранува магистерскиот труд под наслов ,,Прилог кон етиологијата на глосопирозите’’ и се стекнува со звањето магистер по стоматолошки науки. Во 1994 година се здобила со звањето специјалист по болести на уста и пародонтот.

Со одбраната на докторскиот труд, во 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов ,,Биохемиска и цитолошка анализа на глосопирозите кај пациенти со хипохромна анемија’’ се стекнува со звањето доктор на стоматолошки науки.

Првото вработување го остварила на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ООЗТ Стоматолошки клиники во 1989 година. Во звањето помлад асистент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1992 година, во 1994 била избрана за асистент на истата Катедра, а во 1998 и 2002 година била реизбрана за асистент. Во 2008 година била избрана во звањето насловен доцент на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет. Во 2013 година е избрана во звањето вонреден професор.

Проф. д-р Георгиева своите стручни и научни усовршувања ги насочила кон проблематиката од областа на оралната патологија, пародонтологија и фокалните инфекции.

Од 2008 година, д-р Георгиева, била именувана за раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот при ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ,,Св. Пантелејмон’’ Скопје и оваа функција ја врши до 2013 година.

Автор е на над 120 научни и стручни трудови, учебници и книги.