Препорака за лични и колективни заштитни мерки кои секој вработен на Стоматолошки факултет се препорачува да ги превземе со цел заштита од вирусот Ковид-19

Во согласност со препораките на Влада на Република Северна Македонија, Светска здравствена организација (СЗО), Министерството за здравство  на Република Северна Македонија и Центарот за управување со кризи на Република Северна Македонија, ве информираме за одредени лични и колективни заштитни мерки кои секој вработен на Стоматолошки факултет се препорачува да ги превземе со цел заштита од вирусот Ковид-19 познат како Корона.

 

Kонкретни мерки кои ме штитат мене и другите од инфекција:

  • Мијте ги рацетe редовно и темелно (најмалку дваесет секунди со сапун, се‘ до рачниот зглоб);
  • Избегнувајте ракување и прегрнување;
  • Развијте рефлекс на самозаштита: на пример копчињата во лифтот не ги притискајте со врвовите на прстите, туку со надворешниот дел од дланката;
  • Избегнувајте места на кои има многу луѓе и јавни собири;
  • Избегнувајте да споделувате храна или предмети за лична хигиена;
  • Проветрувајте ги редовно просториите во кои престојувате;
  • Помалку допирајте го лицето или лицата на пријатели или членови на семејството;
  • Особено важно е да не ја допирате со прсти слузокожата на устата, очите и носот;
  • По потреба ставете ракавици или менувајте ги секојдневно;
  • Немојте да кашлате во дланката, туку во внатрешната страна на лактот;
  • Брзо отстранете ги употребените хартиени марамчиња;
  • Вработените кои се чувствуваат добро, но дома имаат член на семејството заразен со коронавирус задолжително да го известат својот претпоставен и да се пријават на еден од контактите кои Министерството за здравство ги споделува со цел да се добијат точни инструкции за натамошно постапување;
  • Колегите кои се заболени од сезонскиот грип препорачливо е да се задржат на домашно лекување и да не доаѓаат на работа се додека матичниот доктор не препорача дека враќањето на работа е можно и да се активира соодветно боледување.
  • Медицинските маски не се потребни за здрави лица, нив треба да ги носат лица кои имаат кивавици, кашлици и температура затоа што на тој начин помагаат во намалување на шансите за зараза на други лица. Оттука, не е потребно здрави колеги да носат маски на работното место.

 

Мерки кои ги превзема Стоматолошки факултет

  • Ke сe достават дополнителни антисептички средства за хигиена на раце  во сите тоалети и во сите канцеларии  (која не треба да го замени редовното миење на раце);
  • Се одложуваат сите службени патувања надвор од земјата;
  • Се одложуваат семинарите кои се закажани во просториите на Факултетот.

 

Препораки за приватни патувања

  • Вработените би требало да ги проучат најновите укажувања и препораки за секоја дестинација. Патувањата во странство (земјите каде е утврдено постоењето на вирусот) да ги одложите освен ако истите не се од исклучителна важност;
  • Советуваме пред тргнување на пат да извршите лекарски преглед за да се утврди евентуално постоење симптоми на акутна болест на дишните патишта. Ако ги има, тогаш е важно да се остане дома;
  • Оној кој ќе се разболи на пат, за тоа треба веднаш да го извести својот претпоставен.