(Македонски) Научно-истражувачка дејност

Sorry, this entry is only available in Macedonian. For the sake of viewer convenience, the content is shown below in the alternative language. You may click the link to switch the active language.

Истражувањето претставува потрага по сознанија или какви и да е систематски испитувања со цел да се потврдат одредени факти. Применетото истражување, пак, се состои во откривање, интерпретација и развој на методи и системи за унапредување или продлабочување на човековото знаење. Научното истражување се базира на примена на научен метод. Со овој вид истражување се обезбедуваат научни информации и теории со кои се објаснува светот околу нас и со што се обезбедува можност за практична примена на научните сознанија.

Почетоците на научноистражувачката дејност во областа на стоматологијата се забележуваат многу одамна, т.е. кон крајот на четириесеттите години. Кадрите на тогашната Клиника за усни, забни и вилични заболувања при Медицинскиот факултет се појавуваат со првите стручно-научни трудови презентирани на симпозиуми, семинари и конгреси. Така, најпрвин во Македонски медицински преглед, а потоа и во Годишниот зборник на Медицинскиот факултет се објавени првите статии од областа на стоматологијата. Но, нашите кадри добиваат и поширока афирмација преку нивни појавувања во Стоматолошки гласник Србије, Acta Stomatologica Croatica, Zobozdravstveni vjesnik и Stomatoloski vjesnik BiH.

Со отворањето на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во 1959 година, започнува самостоен развој на научната мисла. Посебно место во тој период му припаѓа на доц. д-р Смилев. Неговата научна активност е директно поврзана со студијата за денталниот кариес во Македонија во однос на флуорот во водата за пиење.

Научноистражувачката дејност на Стоматолошкиот факултет во Скопје се остварува на седумте катедри, но и пошироко, во соработка со други единици од Медицинскиот, Природно-математичкиот,Технолошкиот и други факултети и научноистражувачки институти.

Интересот на докторите по стоматологија за научноистражувачка дејност е се поголем, што резултира во примена на нови техники и методи. Најголем дел од нив ги користат домашните методолошки и технолошки ресурси.

Долги години наназад на Стоматолошкиот факултет во Скопје се развива научноистражувачка дејност која може да се препознае преку многубројни предавања презентирани во земјава и во странство, одбранети докторски дисертации и научноистражувачки проекти.

Ако периодот од основањето на Стоматолошкиот факултет до деведесеттите години го одбележуваа 22 хабилитациони труда и 25 докторски дисертации, денес, нивниот број постојано се зголемува.

Голем дел од кадарот на катедрите на Стоматолошкиот факултет придонесува за унапредување на сопствените практични искуства со нови научни сознанија.

Основната придобивка од нив е апликативноста во секојдневната клиничка практика и подигање на здравствената заштита, пред се, превентивата во сите региони на Р.Македонија. Оттука произлегоа епидемиолошки студии и проекти од кои некои имаат национално значење. Преку следење на соодветни медицинско-статистички показатели на одредени региони на територијата на Р. Македонија се дојде до податоци, за одредени временски периоди, за состојбата на пародонталната болест, денто-оралните заболувања и содржината на флуор во водата за пиење во ендемските подрачја.

Податоците од овие епидемиолошки студии резултираа во препораки за најцелисходен начин на организација на стоматолошката служба, посебно во биолошки загрозените делови на територијата на Р. Македонија, т.е. реализација на целите на превентивата.

На овој план, со донацијата на еден дентомобил од Ротари клубот, се олесни изработката на мега-проект за процена на состојбата на оралното здравје на населението на Р. Македонија. Преку примена на базичните критериуми на Светската здравствена организација се здобивме со показатели за тоа што треба да се стори во понатамошните настојувања за подобрување на здравствената состојба на македонската популација.

Освен во проектите од национална важност, кадрите на Стоматолошкиот факултет учествуваат и во реализација на меѓународни студии. Примената на современи превентивни мерки резултираа во компаративни испитувања во стоматологијата на македонската и на грчката популација. Со овој проект активностите излегоа од рамките на земјата, т.е. соработка со факултети и научноистражувачки институти од најблиската околина. Биоактивноста на глас-јономерите беше проследена во соработка на Стоматолошкиот факултет од Скопје и Универзитетот во Гринич, Англија.

На научноистражувачки план, започнатите идеи и првичните резултати на кадрите се прошируваа во длабоки и сеопфатни истражувања – докторски дисертации. Реформите, како во додипломската настава така и во третиот циклус на студии беше неизбежна. За раководител за третиот циклус студии на Стоматолошкиот факултет во Скопје од 2009 год. е назначена проф. д-р Мирјана Поповска, додека во ноември 2015 е именуван проф. д-р Владимир Поповски.

Но, ако се зборува за научноистражувачката дејност на Стоматолошкиот факулет во Скопје, не смееме да ја пропуштиме и вклученоста на студентите во неа. Првенствено, студентот на програмата за доктори по стоматологија се упатува во научноистражувачка работа подготвувајќи соопштенија под менторство на наставниот кадар на Факултетот, за студентските конгреси кои се одржуваат секоја година.

Бидејќи науката не трпи бариери, бара слобода и креативност, програмата за докторски студии на стоматолошките науки е целосно организирана како отворен систем. Преку новите програмски поставки,студентите на докторски студии по завршувањето на студиите ќе можатсамостојно да организираат и водат научни истражувања.

Докторските студии се интердисциплинарни и тие спојуваат содржини од повеќе области на стоматологијата и, општо, од здравството.

Концепциската и содржинската сличност со стоматолошките факултети во Европа и светот и воведувањето бодовни вредности се битни предуслови за мобилност на студентите кон и од други факултети.

Со докторските студии на стоматолошки науки се стекнуваат знаења и способности за самостојно изведување на научноистражувачката работа во одделни области. Студиите, понатаму, овозможуваат продолжение и усовршување во научноистражувачките проекти во биомедицината и здравството и истражувачки престои во странските центри и институти, што, логично и природно, следува во развојот на докторите на стоматолошки науки.

Научниот степен доктор на стоматолошки науки отвора можност за вработување во јавниот сектор, во научните и наставните институции, воистражувачките установи и здравството, во рамките на нашата земја, и, пошироко, во Европа. Со завршувањето на студиите и со здобивањето на научниот степен, докторот на науки ќе може да се вклучи во меѓународни проекти кои ги финансираат научните и здравствените фондации. Вработувањето на тие кадри, во голема мера,ќе зависи од достапноста на Европските фондови кои отвораат бројни можности за развој на одделни активности од одредени области на стоматологијата.