Континуирана едукација

Функционално-работната единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје е основана со Правилникот за внатрешни односи и работење на Стоматолошкиот факултет во Скопје во состав на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје од 2009 година и има за цел да ги задоволи растечките потреби на здравствените работници од областа на стоматологијата за соодветна обука и усовршување во различни сфери од нивното работење.

Единица за континуирана едукација на Стоматолошкиот факултет во Скопје  е динамична и институционализирана единица, посветена на организирање и реализација на современи, креативни, високо квалитетни и акредитирани облици на стручно усовршување со учество на лица избрани во наставно-научни и научни звања како и на лица кои професионално се занимаваат со стоматологијата и сродните научни дисциплини. Водечки начела во работењето се актуелизирање на научните и етички вредности и развивање на практични вештини во програмите за континуирана едукација.

 

Основни цели на функционално-работната единица за континуирана едукација се:

  • Популаризација и афирмација на идејата за континуирана едукација;
  • Поттикнување и реализација на различни облици на стручно усовршување кои ќе ги задоволат потребите на јавниот и приватниот сектор;
  • Oбезбедување на капацитети, опрема и референтен материјал за реализација на стручното усовршување;
  • Следење на квалитетот и користа од стручното усовршување;
  • Создавање “синергизам” во рамките на универзитетските единици и развој на стратегиjа за зголемување на “индивидуалниот придонес” на академските лица во стручното усовршување на заинтересираните лица и институции;
  • Воспоставување на интердисциплинарна академска, научна и стручна соработка со други институции во земјата и странство посветени на развој на програми за континуирана едукација;
  • Вклучување во интернационалниот систем за континуирана едукација на земјите – членки на Европската Унија и надвор од неа;
  • Воспоставување на соработка преку меѓународни проекти во областа на континуираната едукација.

 

Наставно-научниот совет на факултетот, на предлог на раководителот на функционално-работната единица за континуирана едукација, донесува програма за стручно и професионално усовршување и различни облици на неформално учење. За реализацијата на програмата е одговорен раководителот на единицата и Деканатската управа на факултетот.

Како предлагач може да се јави лице избрано во наставно-научно или научно звање  или општествено-афирмиран стручњак од одредена област или институција од јавниот и приватниот сектор.

Функционално-работната единица за континуирана едукација се обврзува да ја достави документацијата за акредитација на обликот и програмата за стручно усовршување до Стоматолошката комора на Македонија, доколку тоа го побара предлагачот или доколку за тоа одлучат органите на факултетот.

 

Цената на услугите кои ги дава функционално-работната единица за континуирана едукација ги утврдува Деканатската управа.

 

Образец за организирање на континуирана стоматолошка едукација можете да го симнете тука.

 

Пополнетиот образец доставете го до писарницата на факултетот или до раководителот за континуирана едукација, проф. д-р Марија Стевановиќ,  на следниот е-маил: mstevanovic@stomfak.ukim.edu.mk