Катедра за ортодонција

Историјат

По формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 година и се поголемата потреба за воведување на организирана и стручна забоздравствена заштита, во 1948/49 година се формирала Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Просторно клиниките биле сместени во 4 простории. Во 1959 година на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје се формира Стоматолошки оддел. За наставна база на формираниот оддел се: Клиника за усни, забни и вилични болести за три предмети: дентална(орална) хирургија, максилофацијална хирургија и ортопедија на вилици и заби. За наставник на трите предмети бил одреден управителот на Клиниката, проф.д-р Димитар Смилев.

Катедрата за Ортодонција е формирана во текот на учебната 1959/60 година, истовремено кога Одделението за регулирање на вилици и заби прераснува во Стоматолошки одел при Медицински факултет во Скопје и освен во здрвствената дејност, се вклучува во наставната и научната дејност.

Првите предавања по предметот Ортопедија на заби и вилици ги изведува доц.д-р Димитар Смилев. Негови соработници биле асистентите д-р  Јованка Козарова и д-р Симка Серафимова. Во периодот од 1964 до 1966 година наставната дејност ја изведува проф.д-р Иван Бикар со својот асистент д-р Митиќ од Белград, а по овој период повторно со наставниот предмет раководи проф. д-р Димитар Смилев (1966-1968).

Д-р Симка Серафимова раководи со одделението од 1965 година, а во 1968 година била избрана за универзитетски предавач, и е првиот предавач на предметот Ортопедија на вилици и заби. Во тој период на одделението за ортопедија на вилици и заби биле вработени д-р Илија Илиевски, д-р Надежда Ѓорчулеска Бајрактарова, д-р Надежда Ќофкарова и д-р Ристо Каркалашев.

Во 1974 година вработен е  д-р Тодор Бојаџиев, а во 1975 година вработени се д-р Јулијана Ѓоргова и д-р Марија Зужелова.За прв раководител на катедрата за ортодонција во 1975 година е избрана д-р Симка Серафимова која била и одговорен наставник по предметот Ортопедија на заби и вилици до 1984 година, кога заминува во пензија.

Наставниот кадар на Катедрата се надополнува со нови кадри: д-р Лидија Кануркова, д-р Васка Вандевска, д-р Емилија Лазарева,  д-р Маја Поп Стефанова –Трпоска, д-р Бојана Даскалова, д-р Елена Петрова, д-р Роберт Јанев, д-р Маргита Смилева Нацевска, д-р Габриела Ќурчиева Чучкова, д-р Билјана Џипунова, д-р Наташа Тошеска Спасова, д-р Билјана Богдановска, д-р Марија Манева,  д-р Стипица Поповски, д-р Цветанка Бајрактарова Мишевска, д-р Ненад Симоновски,  д-р Јасна Петровска, и д-р Ирена Гавриловиќ.

Во 1984 година за раководител на катедрата за Ортодонција е избран проф.д-р Тодор Бојаџиев кој ја вршел таа функција до 2004 година. Од 2005 до 2012 година за раководител на Катедрата за Ортодонција е избрана проф. д-р Марија Зужелова. Од 2012 год. до денес раководител на Катедрата за ортодонција е проф. д-р Лидија Кануркова.

Понатамошниот развоен пат на Катедрата за ортодонција се согледува во постојаното усовршување на наставниот кадар со просторна и техничка опременост. Во реализација на наставата учествуваат 1професор, 4 доценти, и 4 асистенти.

Наставниот и помошниот наставен кадар редовно ја следи стручната литература и современите достигнувања во Ортодонцијата и зема активно учество во изработката и презентацијата на стручни трудови на конгреси, симпозиуми и едукативни курсеви во земјата и во странство. Наставниот кадар на Катедрата за Ортодонција своето стручно усовршување го извеле во врвни стручни центри надвор од земјата. Вработените се автори на голем број трудови, кои се печатени како во домашни така и во странски списанија. Покрај тоа, издадени се повеќе учебници кои се средство за едукација на студентите, постдипломците и специјализантите.

Клиниката за Ортодонција денес располага со две клинички сали, просторија за стерилизација, заботехничка лабораторија, со одделна просторија за излевање на студио и работни  модели  за изработка на мобилни и фиксни ортодонтски апарати. На Клиниката за ортодонција  се изработуваат сите видови на мобилни акрилатни апарати (активни и функционални), Twin блок  апаратот, Бионатори, Frankel-овиот апарат и други редуцирани активатори, оптуратори за деца со расцепи на усните и непцето. На клиниката се изработуваат интраорални и екстраорални фиксни ортодонтски апарати (апарати за ширење и цепење на непце, пендулум апарат, Headgear, Delaire-ова маска, lip bumper).

Ваквата целосна просторна и кадровска поставеност на Катедрата и на Клиниката за ортодонција овозможува современ пристап во лекувањето на дентофацијални и скелетни неправилности и истовремено, реализација на наставно-научниот процес.

 

Наставно-научна и здравствена дејност

На Катедрата за ортодонција се изведува континуиран едукативен процес промовиран и акредитиран од страна на Стоматолошкиот факултет. Од 2005 година, според Европскиот кредит трансфер систем се одвива наставата за студентите за додипломски студии за доктори по дентална медицина,студии за стручни забни техничари и студии за стручни стоматолошки сестри – орални хигиенолози по предметите: Ортодонција I, Ортодонција II (задолжителни предмети) и Предхируршки ортодонтски третман (изборен предмет) за студиската програма прв циклус студии за доктори по дентална медицина, Ортодонција I и Ортодонција II за студиската програма прв циклус студии за стручни забни техничари, Ортодонција (задолжителен предмет) и Медицинска документација (изборен предмет) – за студиската програма прв циклус студии стручни стоматолошки сестри- орални хигиенолози.

На Катедрата за ортодонција се одвива настава за специјализантите, студенти на II циклус студии – постдипломски студии и настава за III циклус на студии. Во рамките на научната дејност на Катедрата одбранети се магистерски трудови и докторски дисертации.

Теоретскиот едукативен процес е организиран преку предавања, интерактивна настава, семинарски работи, факултативни активности и консултации. На предавањата се разработуваат теми предвидени со наставниот план и програма за предметите од Катедрата.

Практичната настава на Катедрата за Ортодонција се изведува во претклинички и клинички вежби за време на кои студентот се стекнува со одредени практични вештини. Се работи во мали групи на студенти, со помош на нагледни средства и модели. Студентите се запознава со нормалниот раст и развој на орофацијалната регија, дијагностичките методи и постапки при дијагностицирање на ортодонтските малоклузии, видовите на ортодонтски аномалии, и ортодонтска терапија. Студентите ги збогатуваат своите знаења со следење на современите терапевтски методи, со презентирање на миофункционалната терапија, фиксната ортодонтска техника, презентација на интраоралната, лабиолингвалната и екстраорална техника.

Студентите од Стоматолошкиот факултет, покрај секојдневните наставни активности, се организатори и учесници на студентски конгреси. Бројни студентски теми беа изработени под менторства на наставниот кадар од Катедрата за ортодонција

 

Наставен кадар на Катедрата

Во реализација на наставата учествуваат 1 професор, 4 доценти, и 4 асистенти.

Раководител на катедрата – Проф. д-р Лидија Кануркова

Наставници и соработници:

Лидија Кануркова Редовен професор
Габриела Ќурчиева Чучкова Вонреден професор
Билјана Џипунова Доцент
Наташа Тошеска Спасова Доцент
Цветанка Бајрактарова Мишевска Доцент
Билјана Богдановска Асистент
Марија Манева Асистент
Јасна Петровска Асистент
Ирена Гавриловиќ Асистент