Катедра за болести на устата и пародонтот

Историјат

При формирањето на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1959 година, целокупната наставна дејност се одвиваше преку два института, а во едниот од нив се изведуваше и наставата по предметот болести на уста. Првата година теоретската настава ја изведувал д-р Железаров, а подоцна биле вклучени, доц. д-р Џајиќ, доц. д-р Теодосијевиќ, доц. д-р Кремжар, од Стоматолошкиот факултет во Белград. Наставна база за теоретската и практичната настава по предметот, беше веќе формираното Одделение за болести на устата. Скромни просторни можности, материјални и кадровски потешкотии – тоа се почетоците на сегашната Катедра за болести на устата и пародонтот.

Забрзан развој на Катедрата за болести на устата и пародонтот настанува во  периодот на раните шеесетти години, со доаѓањето на, тогаш, ас. д-р Благородна Лазаревска, која претставува втемелувач на наставната, здравствената и научната дејност. Со амбиција и самопрегор, таа ја организирала практичната настава и постепено ја осовременувала теоретската. Набрзо, како нејзин прв соработник, во наставниот процес била вклучена ас. д-р Лилјана Милошевска.

Во почетокот, теоретската настава се одржувала во амфитеатрите на Медицинскиот факултет, а практичната настава се одржувала во вежбалната во тогаш новоизградениот провизориум II. Воедно  доаѓа и до кадровско доекипирање, па во 1970г. и периодот на раните осумдесетти, во наставата се вклучуваат д-р Вангел  Димитровски, д-р Марија Накова, д-р Методи Симоновски,  д-р Златанка Белазелкоска.

Иако во скромни услови, со мал број на соработници кои носеле во себе големи потенцијали и ентузијазам, тие придонесоа наставата, здравствената и научната дејност да доживее вистински процут. Проф. д-р Лазаревска, како одговорен наставник по предметот и негов вистински основоположник, а потоа раководител на Катедрата за болести на устата и пародонтот до 1990 г.,своите соработници постојано ги поттикнувала кон перманентна надградба.

Во 1974 г., со изградбата на двата современи објекта, Одделението за болести на устата доби сопствени простории и прерасна во Клиника за болести на устата, која послужи како наставна база за истоимената катедра, каде што и денес се изведува практичната настава за студенти, специјализанти, магистранти и докторанди.

Во услови на просторно проширување, наставниот и помошно-наставниот кадар, повторно се доекипира. во 1984 г. со д-р Ставревска, а во 1985 г. младите клинички лекари д-р Атанасовска и д-р Поповска, кои веднаш биле вклучени во наставната и научно-истражувачката дејност на Катедрата. Во деведесеттите години, помошно-наставниот кадар добива нови ,,освежувања’’, па се вработуваат редоследно: д-р Перковска, д-р Ивановски, д-р Георгиева , д-р Поповски и  д-р Пандилова. Одтогаш па до денес, кадрите на Катедрата за болести на устата и пародонтот постојано се зголемуваат.

Во склоп на првобитното Одделение за болести на устата, речиси од самиот почеток, работела и хематолошката лабораторија, која со поддршка на проф. Лазаревска ја развивала д-р Тасевска. Покрај секојдневните лабораториски услуги, во неа се изведувале вежби: микроскопски и цитолошки истражувања.

Со пензионирањето на проф. Лазаревска, на Катедрата се променија повеќе раководители од кои секој даде свој придонес во нејзиниот развој. Во 2003 година, предметот болести на устата и пародонтот се подели на два предмети: пародонтологија и орална патологија. На катедрата се воведени предметитe: орална биохемија, орална хигиена, фокални инфекции и други.

Катедрата за болести на устата и пародонтот на Стоматолошкиот факултет во Скопје, користејќи ја истоимената клиника како наставна база е сместена на третиот кат од објектот Универзитетски клинички центар ,,Св. Пантелејмон’’ – Скопје и располага со една сала за практична настава со 10 работни места, една рутинска сала со 3 работни места, една просторија за физикална терапија, една операциона сала, сала за стерилизација и биохемиска лабораторија.

 

Наставно-научна и здравствена дејност

На Катедрата за болести на устата и пародонтот се одвива настава за студентите по дентална медицина, специјализантите, постдипломците и докторандите. Истовремено, Катедрата претставува наставна база за студентите за додипломските студиски програми за стручни забни техничари и стучни стоматолошки сестри – орални хигиенолози.

Начинот на изведувањето на теоретската настава на Катедрата за болести на устата и пародонтот во последните дваесет години  претрпе измени во позитивна насока.  Денес таа се изведува според Европскиот кредит трансфер систем, кој успешно се реализира на Катедрата.

Студентите преку различни облици на ангажираност, учествуваат во наставниот час. Тие имаат можност да го креираат часот, да развиваат дискусија на определена тема, со цел што полесно и потемелно да ја совладаат наставната содржина.

Денес, Стоматолошкиот факултет, па оттука и Катедрата, располага со современи нагледни средства за изведување на теоретската настава: компјутери, LCD проектори и камери и на тој начин се олеснува совладувањето на содржините од наставната единица, што влијае на интересот на студентите.

Практичната клиничка и претклиничка настава по сите предмети се изведува во салите за вежби на Клиниката за болести на устата и пародонтот, во биохемиската лабораторија и во просторијата за физикална терапија. На оваа Катедра, студентите од студиската програма по дентална медицина, преку практичната настава по предметот орална хигиена, го остваруваат својот прв контакт со пациентот од стоматолошката практика.

Преку претклиничката практична настава студентите ги изучуваат основите на оралната физиологија и биохемија.Преку клиничката практична настава студентите најнапред го остваруваат контактот со пациентот, ги разграничуваат патолошките од физиолошките состојби, ја дефинираат прогнозата на болеста и учествуваат во ординирањето на терапија. Исто така, во рамките на ЕКТС, во практичната настава, студентите се вклучуваат во следење на современите трендови во пародонтологијата и оралната патологија, раната детекција на оралните заболувања, ги изучуваат индикациите и контраиндикациите за приемена на ласер-терапијата.

Покрај додипломската, долги години наназад, се организира постдипломска настава и специјалистичка едукација. На Катедрата за болести на устата и пародонтот се изведува наставата и обуката за специјалностите од областа на пародонтологијата и оралната патологија, кои произлегоа од поранешната специјализација – болести на устата и пародонтот.

Студентите на постдипломски и специјалистички студии, покрај сите конзервативни и физикални методи се едуцираат и за изведување на хируршки третман на пародонталната болест.

Студентите од Стоматолошкиот факултет, покрај секојдневните наставни активности, се организатори и учесници на студентски конгреси. Студентските теми кои беа изработени под менторства на наставниот кадар од Катедрата, во 2002, во 2009 и во 2013 година беа првонаградени. Секако, придобивката од учеството на студентите е: збогатување на практичните искуства и вовед во научно-истражувачката работа. Тоа особено се изведува во последните години со повторно заживување на научно-истражувачката работа во биохемиската лабораторија на Катедрата во кој самопрегорно учествуваат наставниците на Катедрата.

Од 2002 година, на Стоматолошкиот факултет во Скопје, се започнаа со реализација на додипломски студии за стручни забни техничари и за стручни стоматолошки сестри, во кои Катедрата зема учество во креирањето на студиските програми и реализација на наставата.

Брзиот развој на биомедицинските науки ја наметна потребата од доедукација на средношколскиот медицински и стоматолошки кадар. Само високо стручно едуцирани стручни стоматолошки сестри и техничари имаат можност да ги следат сите достигнувања во областа на стоматологијата.

Освен во додипломските, постдипломските и специјалистичките студии, Катедрата учествува и во реализација на континуираниот едукативен процес на докторите по стоматологија/дентална медицина.

 

Наставен кадар на Катедрата

Во реализација на наставата учествуваат 6 професори и 6 научни соработници.

 

Раководител на катедрата – Проф. д-р Маја Пандилова

Наставници и соработници:

 

ЌИРО ИВАНОВСКИ РЕДОВЕН ПРОФЕСОР
МИРЈАНА ПОПОВСКА РЕДОВЕН ПРОФЕСОР
МАЈА ПАНДИЛОВА ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР
СНЕЖАНА ПЕШЕВСКА ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР
СИЛВАНА ГЕОРГИЕВА ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР
АНЕТА АТАНАСОВСКА СТОЈАНОВСКА ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР
ВЕРА РАДОЈКОВА НИКОЛОВСКА НАУЧЕН СОРАБОТНИК
КАТАРИНА ДИРЈАНСКА НАУЧЕН СОРАБОТНИК
СОЊА МИНДОВА НАУЧЕН СОРАБОТНИК
СТЕВИЦА РИСТОВСКА НАУЧЕН СОРАБОТНИК
КРИСТИНА МИТИЌ НАУЧЕН СОРАБОТНИК
ЕМИЛИЈА СТЕФАНОВСКА ЛЕВЕСКА НАУЧЕН СОРАБОТНИК