Историјат

По формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 г. во 1948/49 основана е Клиниката за усни, забни и вилични болести, што претставуваше прв сигнал за потребата од организирана и стручна стоматолошка заштита во Република Македонија.

Никулците на стоматолошкото високо образование претставуваат првите часови по предметот стоматологија за студентите по медицина на Медицинскиот факултет одржани во 1952 г. од страна на, тогашниот, доц. д-р Димитар Смилев.

Набрзо, на 19 јуни 1959 г., Народното собрание на НРМ донесе Закон за основање на оддели на Техничкиот и Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје (Службен весник на Народна Република Македонија бр. 23/59) со кој е основан одделот стоматологија при Медицинскиот факултет во Скопје и, во учебната 1959/60, била запишана првата генерација од 38 студенти на Отсекот за стоматологија при Медицинскиот факултет. За наставна база на отсекот била користена Клиниката за усни, забни и вилични болести со три предмети: дентална (орална) хирургија, максилофацијална хирургија и ортопедија на вилици и заби.

За прв наставник на трите предмети бил определен управителот на клиниката, тогаш, доц. д-р Димитар Смилев, а истовремено биле формирани и два института: Институт за стоматолошка протетика и Институт за стоматолошка конзерватива. Според Статутот на Медицинскиот факултет била извршена изборна постапка на наставници: за стоматолошка протетика со одговорен наставник д-р Димитар Железаров, а за предметите дентална патологија и терапија, болести на устата и детска стоматологија со одговорен наставник, тогаш, доц. д-р Иван Тавчиовски.

За базичните предмети наставата ја изведуваа кадрите на Природно-математичкиот факултет, за општомедицинските и за медицинските предмети наставниците на Медицинскиот факултет; беа ангажирани и кадри од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет од Белград (проф. д-р Иван Бикар, проф д-р Милисав Теодосиевиќ, проф д-р Драгољуб Џаиќ и проф. д-р Милутин Кремжар).

Кадровската екипираност, просторната стеснетост и опременоста на отсекот се решаваше во неколку етапи: во 1962/63 беше најпрво изграден наменски објект наречен ,,провизориум I’’, а во 1964 г. по земјотресот ,,провизориум II’’.

Покрај првите високостручни кадри, проф. д-р Димитар Смилев, д-р Димитар Железаров, доц. д-р Иван Тавчиовски на Клиниката се вработија и учествуваа во едукативниот процес: д-р Невенка Томчева, д-р Иван Минев, д-р Звонко Котник, д-р Ѓорѓи Симов и д-р Војтех Санто.

Во периодот на својот растеж, клиниката беше база за постапно усовршување како на високостручниот така и на средниот стручен кадар. Учебната 1963/64 г. има двојно историско значење: прво, по изразената нагорна линија на бројот на запишани студени и, второ, таа година се памети по првата генерација на дипломирани студени.

Во 1965 г. Клиниката за усни, забни и вилични болести во која што беа интегрирани двата институти кои прераснаа во Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет, со одделенија за: максилофацијална хирургија, орална хирургија, стоматолошка протетика, дентална патологија, болести на устата, ортодонција, детска и превентивна стоматологија, рендген одделение, заботехнички лаборатории и механички сервис.

Како одговор на потребата од потесна и продлабочена едукација во одредени стоматолошки области во учебната 1965/66 г. биле одобрени првите специјализации по стоматологија и тоа: ортодонција со протетика, а прв што го стекнал тоа стручно звање беше д-р Ѓорѓи Симов, подоцна редовен професор на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика. Во 1970 година, според утврден Правилник, специјализациите се изведуваа како тригодишен турнус и завршен специјалистички испит.

Потоа, во текот на седумдесеттите и осумдесеттите, период на доекипирање на сопствените кадри и нивно ангажирање во образовниот процес, записите водат до сега веќе реномирани имиња кои постапно го образуваа потенцијалот и се двигател на македонската стоматологија. Тоа се: д-р Илија Васков, д-р Благородна Лазаревска, д-р Љубинка Нечева, д-р Стојан Петровски, д-р Теменуга Симовска, д-р Васил Галев, д-р Симка Серафимова, д-р Јованка Козарова, д-р Вера Калпакова, д-р Олга Серафимова, д-р Марко Филјански, д-р Нада Цветковиќ, д-р Лилјана Милошевска, д-р Нада Бајрактарова, д-р Ефтим Мирчев, д-р Мила Мирчева, д-р Игнатие Богдановски, д-р Томе Туџаров, д-р Илија Илиовски, д-р Нада Ќовкарова, д-р Ристо Каркалашев, д-р Тодор Бојаџиев, д-р Слободан Лазаревски, д-р Вангел Димитровски, д-р Југослав Стефановски, д-р Марија Муровска, д-р Марија Накова, д-р Методи Симоновски, д-р Ристо Рафајловски, д-р Мира Стевановиќ, д-р Владимир Силјановски, д-р Ерол Шабанов, д-р Елена Петкова, д-р Љупка Димова, д-р Славјанка Оџаклиевска, д-р Снежана Иљоска, д-р Бона Бајрактарова и д-р Драгољуб Велески.

Засилената кадровска база отвори нови видици и успеси за афирмација на стоматологијата во рамките на македонската медицина. Така, во раните седумдесетти, направени се првите чекори за формализирано струково организирање на македонските стоматолози, па, во 1967 г., тогаш веќе востановена Стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво го организира првиот, историски, I собир на стоматолозите од Македонија во Катлановска Бања. Токму таа Секција прераснувајќи во Здружение на стоматолозите од Македонија, а потоа, во сегашното Македонско стоматолошко друштво, преку перманентни активности и соработки со странство, е еден од темелите на себепотврдување, афирмирање и ширење на современите дострели и развојот на македонската стоматологија.

Тие две десетлетија, седумдесеттите и осумдесеттите, се едни од повеќето ,,златни’’ периоди на денешниот Стоматолошки факултет.

Во 1974 г., за потребите на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет се изградија два современи објекта во кои се сместија, освен клиниките, базичните стоматолошки катедри на студиите по стоматологија кои беа тесно поврзани со забрзано осовременување и збогатување на практичната и теоретската настава во едукацијата на идните стоматолози и стоматолошко просветување и заштита на населението.

Првите чекори на факултетот во светот на науката како носител освен на наставната и здравствената така и на научноистражувачката дејност претставуваат основа за истражувачките потенцијали на стоматологијата во Македонија.

Стремејќи се кон подготовка на кадрите за научноистражувачка работа и продлабочување на познавањата во одредени области на стоматологијата, во 1973/74 г. започна редовна настава за првите студенти на магистерски студии во траење од четири семестри. Научниот степен магистер по стоматолошки науки, во 1976 г., со одбрана на магистерскиот труд под наслов ,,Етио-морфо-функционални аспекти на денталната ресорпција’’ одбранет на Стоматолошкиот отсек при Медицинскиот факултет прва го добила д-р Љупка Димкова, сега проф. д-р Матовска.

Созреаните млади кадри веќе беа подготвени за трансфер на научните сознанија во практиката. Во 1979 г., на Стоматолошкиот отсек при Медицинскиот факултет беше одбранета првата докторска дисертација од областа на стоматологијата,со наслов ,,Проценка на метаболните промени во гингивалното ткиво од пациенти со прогресивна пародонтопатија преку следење на вградувањето на маркирани аминокиселини и хијалуронидазната активност’’ што ја изработи и одбрани д-р Марија Накова.

Во 1977 г., како потреба за афирмација на македонската стоматолошка стручна и научна мисла беше востановено првото стручно гласило на стоматолозите од Македонија, чии основоположници, проф. д-р Иван Тавчиовски и негов прв главен и одговорен уредник, проф. д-р Благородна Лазаревска, унив. пред. д-р Јордан Стојановски и многу други ги удрија темелите на македонската стоматолошка периодика.

Истата година, 1977 г., беше основана првата самостојна стоматолошка библиотека. Библиотеката се очекуваше да ги задоволи потребите од следење на најновите сознанија од светската стоматологија, а во записите од историјата го наоѓаме името на ас. д-р Љупка Димкова, сега проф. д-р Матовска, како нејзин втемелувач.

Во 1977/78 г. Стоматолошкиот отсек прерасна во СТОМАТОЛОШКИ ФАКУЛТЕТ, кога е избран првиот декан на факултетот, проф. д-р Иван Тавчиовски и првиот продекан, проф. д-р Благородна Лазаревска. Веќе формираните осум одделенија при Стоматолошкиот отсек прераснаа во осум катедри за стоматолошки предмети. Востановена е организација на факултетот и неговите тела, па, првата редовна седница на Наставно-научниот совет била одржана на 3 јули 1979 година. Кадровската екипираност изразена со бројки била: 6 редовни професори, 13 вонредни професори, 9 доценти, 1 универзитетски предавач, 25 асистенти, 6 помлади асистенти и 18 доктори стоматолози, сите во ентузијастичка подготовка да бидат вклучени во наставниот процес.

Веќе следната година, 1980, Стоматолошкиот факултет се издвоил во посебна организација со две наставни бази: ООЗТ Стоматолошки клиники и ООЗТ Максилофацијална хирургија. Деканатот на Факултетот го сочинуваше посебна Работна заедница, Секретаријат.

По основање на Стоматолошкиот факултет како посебна работна организација, биле изготвени сите општи акти и биле избрани стручни и научни органи со помошни тела (одбори, комисии). Како највисоко стручно тело на Стоматолошкиот факултет, Наставно-научниот совет решавал за сите наставно-научни проблеми и за изборот на наставниот кадар.

За афирмирање и унапредување на образовниот процес и научната и стручната мисла, факултетот вршел постојана размена на домашни кадри во странски стоматолошки центри и обратно. Биле поканети и одржале предавања од областа на стоматологијата реномирани имиња од странски земји: тогашните Источна и Западна Германија, Франција, Швајцарија, Австрија, САД, тогашниот СССР и др.

За осовременување на едукативниот процес и стручното унапредување на македонската стоматологија повеќе наставници и соработници престојување на усовршувања во странство, за што биле користени разни домашни државни стипендии, но и стипендии од други држави: Фулбрајтова (САД), стипендиите на Берлинскиот сенат (Германија), Лионската стипендија (Франција) и др.

Никулците на континуираната едукација се од 1989 година. Тогашниот декан на факултетот, проф. д-р Мирчев, по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет ја востанови првата континуирана едукација, сипозиум под наслов ,,Научни достигнувања во стоматологијата’’. Потоа, таа преминува во тематски симпозиум ,,Трансфер на науката’’ во организација на проф. Богдановски. Оваа традиција продолжува и до ден денес, преку континуираната едукација која што ја врши Стоматолошкиот факултет.